Рекорден број натпреварувачи трчаа по скопските улици

На Скопскиот маратон 2013 денеска на сите четири трки учествуваа рекордни 4.900 натпреварувачи од 36 земји од сите континенти. Првото место кај мажите го освои Biwot Wychiffe Kipkorir од Кенија, а кај жените Kipruto Caroline Jemeli, исто така од Кенија.

Македонското државно првенство го освои Ристе Лазаров додека пак од жените Весна Кираџиева.

На маратонот годинава учествуваа и голем број личности од јавниот живот во Македонија. 

- Денеска докажавме дека Скопски Маратон е гордост на Скопје и Македонија, препознатлив бренд и спортска атракција со учесници и публика од цел свет. Очекуваме овој спортски македонски бренд да добие уште поголема подршка од институциите и партнерите за да во наредните години се доближиме по бројот на учесници со големите европски маратони, истакна Кире Синадиновски, директор на Скопски Маратон.

Во трката на најдолгата маратонска патека од 42 км се натпреваруваа околу 200 натпреварувачи, а за полумаратонот стартуваа 600. Најмногу тркачи по скопските улици имаше за трката на 5.000 метри, хуманитарната трка каде што стартуваа околу 3.500 рекреативци. Детскиот Колгеит мини маратон го трчаа 600 деца.

Покровители на Скопскиот маратон се Град Скопје, Делегацијата на ЕУ и Агенцијата за млади и спорт, а организатори се Сојуз на спортови на Скопје и Атлетската федерација на Македонија. Подпомогнат е од домашни и странски компании, од сите јавни претпријатија, Против пожарната бригада, од Црвениот Крст на Град Скопје со своите 400 волонтери, а за безбедноста на маратонот се погрижи Полицијата на Република Македонија.

За следната година, организаторите најавуваат уште поголема посетеност од целиот свет. 

најчитано сега