Резултати од вештачењето: Обвинетата Гордана Филиповиќ сторила сообраќајни пропусти кога го прегазила пешакот Слободан

 

Обвинетата Гордана Филиповиќ сторила сообраќајни пропусти кога го прегазила пешакот Слободан Ангеловски. Ова е заклучокот од вештачењето за сообраќајната несреќа пред мостот „Гоце Делчев“. Адвокатката Јована Малезанска, бранител на семејството на загинатиот кое бара правда, посочи дека, според вештачењето, обвинетата со возилото не застанала на пешачкиот и поминала иако до неа имало две возила што чекале починатиот Слободан да помине на другиот крај од островчето. На рочиштето вторпат не се појавија сведоците, кои ја виделе целата сообраќајна несреќа.

„Ова рочиште се одржа и покрај тоа што одбраната инсистира првин сведоците да се сослушуваат. Поради економичност и ефикасност на постапката, судот реши да го испита вештакот Винко Гаица, кој беше вештак на Обвинителството. Сослушувањето траеше еден час и нешто. Притоа, Обвинителство, одбраната, имаа можност да го сослушуваат. Клучно произлезе дека единствената вина за сторување на сообраќајната незгода е на страна на обвинетата, која поради направени пропусти, неприспособена брзина на возење со повеќе од дозволената и неприспособена кон пешачкиот премин, со тоа што не го пропуштила и покрај две паркирани возила – придонела да се случи настаната сообраќајна незгода. Одбраната се обиде да ги сврти тезите дека тоа за неа било ненадејна пречка, каде што не можела да го види човекот, и дека човекот паднал“, вели адвокатката Малезанска за „Макфакс“.

Таа посочи дека од страна на полицијата ќе биде спроведен сведок оти тој добил покана, но на рочиштето не дошол.

„Ова е второ рочиште на кое сведоците не дојдоа. За едниот сведок има уредна достава, што значи дека за следното рочиште полицијата ќе го приведе за да се обезбеди присуство. За другиот сведок нема уредна достава, па судот ќе се обрати до МВР за да се побара информација за живеалиштето, па дополнително ќе се испитува и за него дали е достапен за органите на прогонот“, додаде Малезанска.

Во јануари минатата година кумановката Филиповска, управувајќи „бмв х5“, го усмрти Ангеловски кај мостот „Гоце Делчев“, а на почетокот на судењето минатиот месец рече дека не чувствува вина. Нејзиниот адвокат најави дека ќе докаже оти најголем придонес за несреќата има покојниот, а Обвинителството, пак, е децидно дека ќе докаже оти вината е кај обвинетата. Филиповиќ е мајка на кумановката Јелена, која пред три години на 17-годишна возраст загина во сообраќајна несреќа. Возачот што ја прегази доби 7,5 години затвор.

10.04.2023 - 17:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега