Митева: Последните инсталирани кадри на СДСМ и ДУИ во правосудството видоа дека сме сериозни во намерата и почнаа жестоко да се бранат,
Марија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и портпарол на Владата гостуваше во емисијата ,,За или против“ што се емитува на телевизија Алфа и истакна дека ќе продолжат да бараат одговорност од членовите на Судскиот совет преку дебата и интерпелации, нагласувајќи дека независноста на судската власт не значи имунитет од контрола. Таа исто така ја пофали постапката на пратениците за интерпелации и потсети на неправилностите од страна на претходната власт, при менувањето на позициите. Митева заклучи дека жестоката одбрана од членовите на Судскиот совет нема да донесе позитивен резултат и дека јавната доверба во правосудството е многу ниска.
„Се трудат од сите аспекти да најдат и можеби најминимален аргумент кој што некому ќе му звучи правно поткрепен да го искористат, но забораваат на тоа дека секој носител на јавната функција треба да има една морална и етична вертикала во себе. И ако ова претставува еден вид на политички прогон, ако тие така го сметаат, тогаш што претставува 2% доверба? Што претставуваат судиите и јавните обвинители кои што беа фатени во криминал? Што покажуваат нивните извештаи кои што ги доставуваат до Собранието од година во година, каде што ние гледаме намален интензитет на работа на Судскиот совет? Што покажува нивното делегитимирање сега, после оваа интерпелација, и како истите тие ќе имаат можност и ќе имаат авторитет пред останатите судии да воведуваат некој ред или владеење во рамки на законите во самите судови? Сите овие прашања се добро образложени, сите овие прашања се добро познати на јавноста. Тие ќе се трудат макотрпно да ги задржат тие позиции затоа што се свесни дека без тие позиции ќе ја немаат моќта која што ја имаат во овој момент, свесни се дека СДСМ и ДУИ повеќе не се на власт, свесни се дека едноставно состојбите повеќе не се “како до сега“ и нема да бидат како до сега“, вели Митева.
Митева истакна дека ќе продолжат да се борат за да членовите на Судскиот совет поднесат оставки преку достапните инструменти, нагласувајќи дека независноста на судската власт не значи имунитет од контрола и дека треба да се штитат јавните личности кои постапиле спротивно на законите.
„Едноставно, ќе се борат и понатаму. Тие се, би кажала, можеби последните инсталирани кадри на СДСМ и ДУИ кои што ќе се потрудиме преку дебата, преку сите инструменти кои што ги имаме, еден од нив е интерпелацијата, да покажеме дека навистина сакаме овие лица да поднесат оставки. Ќе кажат дека ова е некој притисок кон судската власт, јас тука само би кажала дека независноста не го дава имунитетот од контрола и надзор кој што Собранието ја има врз носителите на јавните функции. Таа независност не значи имунитет од неспроведување на правото, таа независност не значи вие да не постапувате, таа независност не треба да значи дека треба да ги штитите политичките фигури кои што направиле криминал или кои што постапиле спротивно на законите“, истакна Митева.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа