Германско разузнавање: Корона започна од лабораторија во Вухан
КОРОНАВИРУСОТ, кој пред пет години се рашири низ светот и го блокираше животот во многу земји, потекнува од лабораторија во Вухан, Кина, соопшти Германската разузнавачка служба (БНД), како што објавија денеска германските и швајцарските медиуми.
„БНД поседува јасни докази дека вирусот Сарс-КоВ-2 потекнува од Институтот за вирологија во Вухан“, пренесуваат медиумите.
Според овие изјави, германската разузнавачка служба располагала со докази уште во 2020 година дека коронавирусот се проширил низ градот, а подоцна и низ светот поради „несреќа во лабораторијата“.
Овој заклучок е донесен по анализата на податоците кои дошле до германските власти во рамките на разузнавачката операција под кодното име Сааремаа.
Меркел и Шолц го спречија објавувањето на податоците
За резултатите од истражувањето на БНД знаела и тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, која според медиумите, меѓу кои и Ди Цајт, го спречила објавувањето на овие податоци. Нејзиниот наследник Олаф Шолц го стори истото.
Портпаролката на германската влада денеска одби да ги коментира медиумските написи, велејќи дека владата јавно не ја коментира работата на тајните служби.
Експерти: Недостига последниот доказ
Според швајцарскиот „Ноје Цуерихер Цајтунг“ (НЗЗ), Канцеларијата на германската канцеларка ги дала податоците со кои располага БНД на група научници.
Иако официјалниот резултат од вештачењето не е објавен, научниците се уште се поделени околу теоријата за потеклото на вирусот.
Експертите наведуваат дека недостасува „последниот доказ“ дека вирусот потекнува од лабораторија. Добар дел од нив веруваат дека вирусот се пренесувал од животни на луѓе на фарми.
„Кинеските научници имаат механизми да обезбедат докази дека вирусот навистина настанал по природен пат, но досега немаат објавено никакви студии што би го докажале тоа“, рече еден од најпознатите германски виролози Кристијан Дростен, коментирајќи ги најновите медиумски извештаи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа