„Пари“: За пензии годинава се планираат 1,2 милијарди евра, државата ќе помага со над 500 милиони

 

За пензии годинава се планирани 1,2 милијарди евра. Тоа е дури 119,3 милиони евра, или 10,8 проценти повеќе отколку од ребалансираниот буџет за 2022 година, кога биле наменети 1,1 милијарди евра. Расте износот наменет за пензии, но расте и планираниот износ од пензиските придонеси. Така, од придонеси за пензиско осигурување во 2023 година се планира да се соберат 981,8 милиони евра, додека лани во последниот ребаланс на Буџетот, износот од придонесите за пензиско осигурување бил 868,5 милиони евра, пренесува порталот „Пари“.

Но, од државната каса не се покрива само разликата меѓу пензиите и собраните пари од пензискиот придонес, туку повеќе. Причината е што еден дел од пензискиот придонес не оди во Фондот за ПИОМ за сегашните пензионери, туку оди во задолжителните приватни пензиски фондови, како лични пари на сегашните вработени, а идни пензионери. Секако, освен пензиите, мора да се покрие и самото работење на Фондот за ПИОМ. Резултат на тоа е наведеното во Буџетот за 2023 година: трансферот од централниот буџет во Фондот за ПИОМ ќе биде 508,3 милиони евра. Тоа е за 7,3 милиони евра повеќе отколку минатогодишниот трансфер, кој изнесувал 501 милион евра.

Очигледно, при кроењето на Буџетот, иако се планирани речиси 120 милиони евра повеќе пари за пензии во однос на лани, не е планирано соодветно да се зголеми и трансферирањето на пари од државната каса, а причина за тоа е што се очекуваат повеќе пари како придонес од пензиско осигурување поради очекуваното зголемување на платите (пензискиот придонес останува ист како лани и е 18,8 проценти). Имено, буџетските проекции се темелат на две законски обврски: зголемувањето на пензиите во март и во септември, и раст на минималната плата, што повлекува раст и на другите плати, а кое ќе се изврши во март.

09.01.2023 - 12:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега