Груевски на средба со претседателството на МАНУ

Претседателот на Владата, Никола Груевски, денеска заедно со членовите на Владата, министерот за образование и наука Спиро Ристовски и министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска оствари работна средба со членовите на претседателството на Македонската академија на науките и уметностите.

Премиерот Груевски се заблагодари на поканата при што истакна дека Владата на Република Македонија во рамките на своите можности ја поддржува работата на МАНУ, посочувајќи дека таквата соработка и инвестирањето во конкретни проекти во одредени области допринесе за подобрување на условите и развој на научната дејност, што е една од определбите на Владата.

Претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски изрази задоволство од досегашната соработка и проактивност на Владата и поддршката која Академијата ја добива, како што е инвестирањето во научни лаборатории и нова опрема што е клучна претпоставка за научен развој.

Истовремено, премиерот Груевски беше информиран и за активноста на Академијата во општествената сфера и нејзиното дејствување во полето на актуелните прашања и тематики важни за Република Македонија, како од економската сфера така и од надворешната политика на државата. Истовремено, во наредниот период од страна на Академијата беше најавена поблиска соработка со повеќе научни академии од регионот и реализација на заеднички проекти што се важни за одржување на поблиски односи во научната и општествената сфера.

 

 

29.11.2013 - 16:03

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега