Такси-компаниите во Скопје ќе можат да ги изменат цените во три тарифи
Советот на Град Скопје по денешната 15 седница ја усвои одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за авто-такси превоз на патници на подрачјето на градот Скопје. Според новата одлука, компаниите ќе можат да изберат меѓу три тарифи за превоз на патниците.
Од Град Скопје за МИА информираат дека тарифите за вршење на авто-такси превоз во рамките на подрачјето на градот Скопје како и кон друга општина се утврдуваат со пресметување на цената на превозот во рамките на три тарифи. Секоја тарифа за пресметување на цената на превозот опфаќа износи за старт (почеток) на превоз, за секој изминат километар и за чекање во место (за еден час).
Според новата одлука, Тарифа 1 ќе биде 40 денари за старт на превоз, 25 денари за секој изминат километар и 300 денари ќе биде за чекање во место за еден час. За Тарифа 2 цените по истиот редослед ќе бидат 50 денари со 30 и со 420 денари, додека за Тарифа 3 цените ќе бидат 60 денари старт со 35 денари километар и 420 денари стоење во место.
Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Град Скопје“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа