САД навиваат да се најде решение за спорот со името

Џонатан Мур, директор во канцеларијата за Балкан во американскиот Стејт департмент синоќа изјави дека САД и понатаму навиваат да дојде до решение на македонско-грчкиот спор за името.

- Ја имаме ситуацијата во Македонија, на која се осврна и заменикот државен секретар Викторија Нуланд. Ние се уште силно го поддржувамe процесот на Метју Нимиц кој трае навистина многу долго. Навиваме за да се изнајде договор, и апсолутно би сакале да видиме решение за спорот за името меѓу Атина и Скопје, но мораме да заклучиме дека само двете страни можат да решат што е соодветно за едната или за другата страна. Можностите пред Македонија се големи, да се придвижи кон Европската Унија, и зависно какви се правните норми, да може да стане членка на НАТО скоро веднаш штом се најде решение за прашањето на името. Тоа би требало да ги мотивира политичките водачи во Македонија да сторат што може да се изнајде решение, а во исто време, треба да се работи и во Грција, изјави Џонатан Мур кој вчера беше дел од подолга дебата за иднината на интеграциите на балканските земји која се одржа во фондацијата Карнеги.

Џонатан Мур беше прашан и дали САД не може да изврши притисок во НАТО, институцијата во која има далеку поголемо влијание во споредба со Европската Унија, за Македонија, или, доколку нема согласност со Грција, барем за Црна Гора.

- Несомнено е дека САД се посветени на проширување на НАТО. Воедно, не сакам да ви ја навредам интелигенцијата, сите знаеме дека НАТО работи според принципот на консензус, и мора да дискутира што ќе биде агендата за следниот самит во Велс во септември следната година. Веќе имаше некои дискусии на државите членки и со секретарот Расмусен. Нема сомнеж дека вратата останува отворена за членство. Но, во овој момент во Алијансата нема консензус дека следниот самит ќе биде самит на проширување, изјави Мур.

Мајкл Халтзел, професор на универзитетот Џонс Хопкинс, истакна дека Балканот веќе, во најдобар случај, е регион од второстепен интерес.

- По 11 септември, во свет во кој Иран работи на нуклеарно оружје, со Палестинско-израелското прашање и се друго, навистина на Западниот Балкан мораме да гледаме како прашање од втор или трет степен за САД, и не гледам дека некој политичар тука целосно ќе се ангажира на Балканот оцени Халтзел, долгогодишен експерт на Балканот.

Хаки Абази, од фондацијата Рокфелер од своја страна ја обвини земјава дека не ги исполнува условите за интегрирање во Европската Унија. 

26.11.2013 - 09:34

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа