ОМД до Меркел: Германија да ја признае Македонија под уставното име

 

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) пред два дена испратила писмо до германската канцеларка Ангела Меркел во кое бара признавање на уставното име на Република Македонија.

Во писмото се наведува дека времето за бесцелни преговори е поминато и се бара од германската Влада да ја признае Република Македонија под уставното име.

Од ОМД велат дека бараат Германија да застане на страната на македонскиот народ, кој, како што наведуваат, веќе доволно е неправедно третиран со наметнатиот спор за името.

Од организацијата сметаат дека спорот за името всушност има за цел да маскира поважни прашања како што се човековите права на Македонците во Грција, а како потврда за тоа се наведуваат извештаи од ОН и Хјуман рајтс воч, во кои се регистрираат прекршувања на човековите права на Македонците во Грција.

ОМД во писмото потсетува дека Грција продолжува ја прекршува Привремената спогодба и да ја игнорира пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

 - Преку овие неиспочитувани договори се покажува дека Грција има за цел да ја уценува Република Македонија да го промени своето уставно име и идентитет, пишува ОМД на Меркел.

Организацијата е благодарна на Меркел за нејзината ангажираност за Македонија да ги започне преговорите за членство во Европската унија и за принципиелноста на Германија кон Македонија.

Повод за писмото до Меркел била нејзината неодамнешна средба со медијаторот Метју Нимиц.

24.11.2013 - 13:36

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега