Европскиот Совет нема да додели датум за почеток на преговорите на Македонија?

Европскиот совет нема да и додели датум на Република Македонија за почеток на пристапните преговори за членство во Европската унија на декемврискиот Самит. Како што јавува МИА, на последните состаноци на дипломатско ниво во Советот на Унијата, договорено е за Македонија да се повтори препораката од декември 2009 година.

Советот ќе го поздрави напредокот на земјата во многу области, ќе побара одржување на добрососедски односи и постигнување на заеднички прифатливо решение за името, додека во однос на преговорите се очекува буквално идентичен заклучок како пред четири години, а тоа е дека „Советот нотира дека Комисијата препорачува отворање на пристапните преговори со БЈР Македонија и ќе се врати на ова прашање за време на следното претседателство“.

Според информациите од првичните заклучоци на т.н. КОВЕБ и КОРЕПЕР групи на Советот, каде на дипломатско ниво се договараат заклучоците кои потоа официјално треба да ги предложи Советот за општи работи (ГАК), а да ги усвои Европскиот совет, Грција воопшто не сакала да отстапи од блокадата на македонскиот напредок во евроинтеграциите.

- Без решен спор за името, нема напредок за Скопје во ЕУ, била пораката на грчките дипломати.

Она што радува е порелаксираниот однос на Бугарија во однос на Македонија, иако и бугарските дипломати порачале дека мора да биде потпишан договорот за добрососедство на кој Софија инсистира.

Единствена позитивна страна во однос на ситуацијата на Македонија во Унијата е што актуелното Литванско претседателство со ЕУ, за разлика од Ирското кое заврши во јуни оваа година, нема да ја остави нашата земја надвор од заклучоците, иако и ваквиот заклучок е само чекор назад во однос на македонската евроинтеграција.

Па, така, во однос на проширувањето, на Самитот на Советот идниот месец, единствено е сигурно дека Србија ќе добие дозвола во јануари официјално да ги отпочне пристапните преговори, додека за Албанија е неизвесно дали до последен момент ќе добие кандидатски статус. 

22.11.2013 - 16:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега