„Садење за подобро здравје“ - Тодоров ја најави акцијата „Ден на дрвото-засади ја својата иднина“

 

Министерот за здравство, Никола Тодоров, денеска заедно со директорот на ЈП Македонски шуми Жарко Караџоски во дворот на Институтот за белодробни заболувања кај децата-Козле засадија дрвца со што и официјално се означи стартот на акцијата  „Ден  на дрвото-засади ја својата иднина“.

- Има и посебна симболика што сме тука во дворот на Институтот. Човекот задолжително треба да се грижи за белите дробови и за своето здравје. Дрвјата се белите дробови на нашата планета. Од тој аспект е одлична оваа акција и ќе можеме оваа година да посадиме пет милиони дрвца. Вкупно досега се посадени 40 милиони дрвца. Тоа претставува еден историски потфат и ќе овозможи многу почиста животна средина и многу повеќе здравје за сите граѓани, рече Тодоров.

Министерот Тодоров ги повика граѓаните масовно да излезат во среда на 27 ноември и да ја засадат својата иднина, со што како што вели се грижат и за себе и за своите најблиски и за своите потомци.

Караџоски истакна дека по основ на сите акции бројот на засадени дрвца е 56 милиони.

- Првпат оваа акција се изведува на поразличен начин. Значи пет милиони садници ќе бидат посадени на голини, површини кои биле оштетени од пожари, од кражби итн. Во акцијата се спуштаме и во хортикултурно уредување на самите градски површини во единиците на локалните самоуправи. Во градот Скопје ќе посадиме 72.000 нови декоративни садници во сите општини во градот Скопје на локации кои сами ги избраа и ги доставија до нас, рече Караџоски.

Во останатите градови низ Македонија ќе бидат засадени над 100 илјади садници. - На природните и вештачките езера, околу нив, во места на плажи некаде околу 400.000 садници и првпат оваа година засадивме и палми и тоа по сто во Охрид и во Дојран и 30 во Струга. Акцијата со палмите ќе продолжи и наредните години. Покрај автопатиштата ќе садиме леандри и се што ќе значи разубавување на државата. Имаме потврда дека оваа акција овие 50 милиони садници покажаа дека Македонија е заобиколена од она што значи трагадија или општ хаос што се случува со шумите во светот, додаде Караџоски.

22.11.2013 - 14:50

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега