ВИДЕО: Пет лица приведени осум се уште во бегство - големата полициска акција "Орион"

Голема полициска акција вчера се одвиваше во Скопје. Како што ПРесс24 дозна од полициски извори, станува збор за разбивање на таканаречена „Хамбург мафија“ која се занимавала со изработка на секаков вид лажни документи: лични карти, патни исправи, возачки дозволи. 

На денешната прес-конференција, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, се работи за акцијата "Орион" за сузбивање на меѓународна криминална група која подолг временски период се занимавала со набавување и фалсификување на странски патни исправи, лични карти, возачки дозволи, сообраќајни исправи, осигурителни картички, дипломи, како и изготување на документи  и  исправи од институциите на РМ, а била составена од 13 лица. Три члена на групата, на возраст од 25 до 33 години, биле задолжени да пронаоѓаат лица од Македонија кои се заинтересирани да им се изготват фалсификувани документи кои ќе може да ги користат за регулирање на својот престој во Р.Германија, но исто така добивале податоци за лица нарачатели на фалсификувани документи и од пет члена на групата од Германија, од кои еден е албански државјанин, кои таму пронаоѓале заинтересирани лица. Потоа сите податоци ги доставувале до првоосомничениот кој ја вршел изработката на фалсификуваните документи, а по нивното изработување ги предавал на двајца други членови кои вршеле доставување до нарачателите или до сопственикот на туристичката агенција ФБИ компани од Скопје кој ја користел за испраќање на документите. Истите биле испорачувани и преку DHL и FedЕx до Германија, каде посредниците ја вршат доставата до нарачателите и наплатата на паричните средства. Овие лица по наплатата, дел од паричните средства му ги испраќале директно на првоосомничениот или пак преку второосомничениот, користејки ја услугата на Брз трансфер на пари.

Криминалната група имала добро разработен начин на делување, така што по остварени телефонски контакти, лични средби и договори, помеѓу посредниците и фалсификаторите од Р.Македонија, посредниците електронски доставувале фотографии и податоци за лицата за кои биле наменети фалсификуваните документи и видот на документот кој треба да биде изработен, а согласно на видот и квалитетот на фалсификуваниот документ била определувана и цената, која се движела од 800 до 1500  евра, додека за истите во Република Германија на лицата за кои биле наменети им се наплатувала повисока цена.

Вчера, врз основа на издадени наредби од страна на истражен судија, извршени се претреси во шест домови на дел од пријавените лица (во Скопје и Тетово) и во туристичката агенција ФБИ компани. При претресите пронајдени се телефонски апарати и СИМ картици, три десктоп и два Лап Топ компјутери, парични средства во износ од 9000 евра, документи од лица за Фонд за здравствено осигурување, сметки од Western Union, Шаблон со гумени букви, бројки и симболи за внесување на податоци на документитеи друго. Со наредби од истражен судија за увид во евиденциите на DHL и FedEx, обезбедени се товарни листови за остварени пратки од страна на членовите на групата.

По целосно расчистување и документирање на случајот, од страна на Одделот за гонење на организиран и сериозен криминал до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, поднесена e кривична пријава против 11македонски државјани на возраст од 25 до 55 години, од Скопје, Гостивар и Тетово и еден албански државјанин, поради постоење на основано сомнение дека истите се сторители на кривични дела „Злосторничко здружување“ и  „Фалсификување исправа“, додека со меѓународна правна помош обезбедени се докази и за уште едно 29 годишно лице.

За време на акцијата во Р.Македонија приведени се пет лица, додека останатите лица не се достапни на полициските органи и по нив се трага. Во Р.Германија од страна на германските полициски служби на ден 21.11.2013 година, во извршени се претреси во вкупно 33 објекти на подрачјето на Хамбург и Хале, при што се пронајдени: 29 фалсификувани документи, документи со информации за пратки од Р.Македонија, компјутерска опрема, телефонски апарати, мемориски картички и друго.

ВИДЕО:МВР

22.11.2013 - 14:16

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега