Почнува проектот „Домашна визита“ - медицински сестри ќе се грижат за старите и болните
Новиот проект на Министерството за здравство „Домашна визита“ ќе стартува денеска.
Според министерот за здравство Никола Тодоров, проектот опфаќа превентивни здравствени прегледи на повеќе од девет илијади стари лица во нивните домови, за што се ангажирани 340 патронажни сестри, кои работат во здравствените домови. „Домашна визита“ ќе се спроведува низ цела Македонија, во 652 населени места, распределени во 84 општини.
- Ова е моќна јавно - здравствена мерка, препорачана од Светската здравствена организација, која во ист миг ќе овозможи грижа и превенција за пациентите, објасни Тодоров на прес-конференција.
Медицинските сестри, секојдневно и во точно утврден термин ќе ги посетуваат старите, изнемоштени лица, лицата со хронични болести, кои се избрани според дијагнозите евидентирани во националниот електронски систем „Мој термин“. Акцент ќе биде ставен на лица со кардиоваскуларни заболувања, хронични респираторни заболувања, дијабетес и други хронични заболувања. Патронажните сестри во домовите, како што рече, ќе вршат определени прегледи, мерење крвен притисок, шеќер во крвта, хемоглобин, холестерол, а во определени случаи и ЕКГ прегледи.
- Во следните два месеца ќе бидат посетени 9.110 лица, од кои 5.794 пациенти боледуваат од тип 2 дијабетес мелитус, 2.747 пациенти боледуваат од тип 1 дијабетес мелитус и 569 пациенти боледуваат од астма. Се посетуваат пациенти постари од 60 години, рече Тодоров.
Секој патронажен тим ќе има дневен распоред, со име и презиме на пациентот, адреса, контакт телефон, дијагноза и основни податоци од неговата медицинска историја. За секоја посета предвиден е посебен евидентен лист.
Се очекува посетите да се извршат за 1,5 до 2 месеци, а во некои региони и побрзо. Една посета ќе трае околу половина час, и тимовите ќе имаат обврска да посетуваат секојдневно од четири до пет домови.
„Домашна визита“ ќе продолжи и во наредниот период, согласно потребите на граѓаните, постепено опфаќајќи и други категории граѓани, кои ќе бидат дел од новите акции за превентивна здравствена заштита на населението.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа