Драган Павловиќ Латас: Раѓање

 

Не има се помалку. Да. Секоја година Македонците се на број помалку од минатата и се така по ред. Со години. Ако вака продолжи, за помалку од педесет години Македонците ќе паднат под половина од вкупното население во Македонија. А пошто друга држава немаме, ќе исчуриме како дожд на вруќ асфалт.

Се менува и етничката, и верската структура.
За педесет години во Македонија ќе има над еден милион муслимани. Нив ќе ги има двеста илјади повеќе од православните. После, се знае. Веќе видено.

Во општини каде Македонците се доминантно мнозинство, а не се така мали за да се сметаат за небитна појава, раѓањето деца е толку ретка појава што од едни до други мекици поминува по две-три недели. Во цела општина.

Во Вевчани, за една година, лани, се родиле само 23 деца. Во Демир Капија, Дојран и Пехчево само по 27 бебиња во годината. Во најголемата скопска општина Аеродром 750, но затоа во Чаир лани се родиле 1.100 бебиња. Аеродром има 85.000, а Чаир 65.000 жители. Прилеп, со 75.000 жители, имал помалку од 800 бебиња минатата година... па сега, пресметајте сами.

Секоја година бројот на Македонците е помал за 2.000, а на Албанците поголем за 4.000. Плус, голема разлика во стапката на наталитет. Македонците имаат само 1,4 дете по фамилија, а Албанците 3. Оваа година во прво одделение се запишани повеќе од 30 посто албански деца. За десет години тие ќе бидат гласачи на избори.

Никој, повеќе од нас самите, од Македонците не е закана за нашата иднина.
Што е битно името, и сите војни околу него, кога за пеесет години друга нација ќе одлучува за македонскиот идентитет. Нас ќе не прашаат само онака.

Оваа тема поминува без да привлече внимание. Малку ќе се спомне, ќе се помисли на тоа, и за саат-два се заборава. Како да се работи за убод на комарци.

Зошто Македонците немаат желба за сопствен опстанок. За деца. 
Прво што ќе чуеш е дека времињата биле такви. Пари се немало, нервози многу, а стан за да се има пристојна фамилија ни на повидок. Дали е баш така.

Пред пеесет години... а пред сто ич муабет да не праиме... се живеело многу, многу потешко и посиромашно, па нашите дедовци и родители имале фамилии. И деца во фамилиите. Да биле себични како ние сега, ние не би ни постоеле. Во Чаир, Арачиново, Студеничани не живеат ни побогато, ниту секое дете има детска соба... а свадби и бебиња има. И се живее понатаму.
Оваа причина, да се нема деца, не држи ни поради општопознатиот факт дека најмногу деца има во најсиромашните средини.

Тогаш, произлегува дека ние сме некое богато општество на самобендисани фрикови, како оние во Норвешка, Данска или Австрија. Таму состојбата со губење население е иста како кај нас.
Не. Не се бега од свадби и бебиња поради немање пари, и тешки времиња.

Се бега поради себичност и страв да се посветиш некому за да не го загубиш комодитетот. И кола кога имаш, е скапо, ама не се жали за бензин и зимски гуми. И пушењето кошта бар триста евра годишно, ама се чури без милост. Да ги бројам ли пивата, ракиите, годишните одмори, новите телевизори, парфеми и лакови за нокти, брендираните кондури и џемпери..., па за куче да се чува во градските општини се троши колку за бебе, и дете до претшколска возраст. А кучиња, во градовите, се чуваат се повеќе.

Себични сме. Саможиви и исплашени да не го загубиме комодитетот.
Еднаш се живее, ќе чуете од оние кои мислат дека едно дете е доволно за да се оправда свадбата и одлуката за брак. ОК. Ако еднаш се живее, што од тој живот ќе ти остане... цигарите ќе се испушат. Одморите ќе се заборават. Вината и пивата ќе испијат. Колите ќе скапат, а брендираната гардероба одамна ја нема.

Во тој живот, што еднаш се живее, остануваш сам. Без трага. Секоја чест на оние кои имале врвни професии во кои успеале да остават печат зад себе. Ама, тие се малку на број. Повеќето, остануваме неприметени.

Не така далеку, на избори ќе бидеме прегласани и ќе станеме малцинство. А ова е Балкан. Секој добро, мноооогу добро, знае што значи тоа. Ќе не протераат, и со арно и со лошо, од куќите во кои живееме. Ќе останеме без колите на кои им бевме робови. Комодитетот на кој му ги жртвуваме нашите неродени деца ќе го нема, и на негово место ќе дојде стравот и бедата на иселените лица.

Она што е мој страв, сега, е што има малку луѓе во политиката, малку Македонци, кои се посветени на ова. Не им е тема, а и не сакаат да и се замерат на меѓународната која во Македонија познава само интереси на Албанците, планови на пералните пари во невладиниот сектор и приоритети на хомосексуалците. Оваа тема е премногу етничка за нежното европско уво.
Но, Има ли некој спремен да поддржува, и се бори за нација која исчезнува.

Груевски е единствениот лик во врвната политика, и тоа во сите дваесет години самостојност, кој излегол со план како да се спасат Македонците од самите себе. Од белата чума, и сопственото топење до самоуништување.

Имаше и закон за поддршка на наталитетот во општините каде е тој загрозен, а тоа се општините со етничка македонска доминација. Пари за секоја мајка која родила, особено за фамилиите со три и повеќе деца. И, добро тргна. За две-три години, после толку време, општините со доминантно македонско население почнаа да бележат повеќе бебиња од умрени. Ама, за кратко.
Некој од СДСМ покрена постапка пред Уставен суд и проектот падна.

Не сум им толку лут ни за продавањето на знамето, ни на името продадено на Грците, дури ни за договорената загубена војна во 2001... колку за ова. Ама, за атер на странската и албанска поддршка, да испушиш на таков начин, и да уништиш илјадници намери за раѓање деца... е грозно. Етничко чистење пар екселанс.

Може ли нешто да се направи, сепак. Да.
Европската наука вика дека деца се раѓаат помалку каде што се живее во станови, а повеќе каде што се живее во куќи. Ние не сме Европа. Тука е малку поинаку. Демир Хисар, Берово, Дојран, Брод... се опустошени, а немаат станови.

Груевски мора да опстои на своите намери, да се поддржат Македонците во намерите за свадби и повеќе деца. Мора. Се друго да му било погрешно, иако не е... се друго да било, ако ова успее, неговата мисија е извршена.

Има пари во Македонија да се градат и да се стимулираат градинки. Има и за старски домови. Комбинацијата на барем овие два елементи битно влијае на наталитетот. Трета интервенција со влијание на наталитетот е жените кои раѓаат, родилките, да добијат сигурна заштита за своите работни места во целиот процес, а и потоа кога се враќаат на работа.

Мора Груевски да го спроведе планот за евтини станови и куќи, што го тера Ставревски. Да, силен е контрапритисокот од алчната градежна мафија и банкарите да не се намалуваат цените на становите... ама повеќе сила има кај државата отколку кај нив. И тие своите богатства, за неколку децении, ако ништо не се смени, ќе им ги остават на оние кои ги протерале од тука.
Со деца во фамилијата не се губи комоцијата. Ни нервозата станува поголема. Напротив. Децата ти го гарантираат твојот опстанок, твојот имот и твојата трага во овој живот. Без нив, твојата нервоза станува кошмар. Твоите пари и имоти не вредат ни банка. Твојата иднина и богатсво е големо колку што е голем багажникот на комбето со кое ќе тргнеш во непознато, протеран од својот дом, етнички прегласан на избори во својата земја, очаен што си сам и немоќен.
Раѓање. Збор кој се поретко го слушаме.

Драган ПАВЛОВИЌ ЛАТАС за Вечер

18.11.2013 - 00:27

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега