Оер: Франција се обидува да помогне во преговорите за името
Во моментов нема предвиден состанок меѓу претседателот на Франција Франсоа Оланд и медијаторот во спорот за името Метју Нимиц. Начинот на кој што беше тоа направено од страна на Германија, не значи дека на тој начин ќе биде направено и во Франција, изјави Лоренс Оер, амбасадорката на Франција во Македонија за Програмата „Гласот на народот“ на ТВ Сонце.
Амбасадорката потсетува дека Оланд, во јуни годинава се сретна со македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов. Двајцата, вели Оер, разговараа во присуство на министрите за надворешни работи на двете земји за да може Франција да помогне во преговорите. Амбасадорката тврди дека Франција сеуште се труди да помогне.
Оер не сакаше да прогнозира како ќе гласа официјален Париз на Европскиот совет во декември во врска со Македонија, но она што го знае е дека извештајот на Европската комисија се проучува и секоја земја се консултира и работат заедно.
- Во Европскиот совет не доаѓаме и велиме: “... Еве го мојот глас ... !“. Работите се сосема поразлични. Во Европскиот совет стигнуваме по долги подготовки, во рамки на работни групи, консултации, билатерала, трилатерала, преговори со Комисијата, со претседателството, со идното претседателство коешто од јануари ќе биде грчко и сите досиеја се разгледуваат на детален начин. Не можем да ви кажам што ќе се најде на агендата на Европскиот совет или како и едните и другите ќе гласаат, затоа што сеуште никој не го знае тоа, оти тоа не се подготвува од септември за во декември туку постојано се работи на тоа прашање, вели Оер.
Важно е да се напомене, додава, дека има еден цел пакет на проширување, а и разговори за проширувањето со ЕК, кон што помагаат и амбасадорите на земјите членки во државата.
- Ние треба да ги искористиме сите прилики и околности за да работите тргнат напред, посебно во земјата во која што сме назначени. Јас сум лојална на Македонија, затоа што сум назначена овде од француската страна да ги подобрам билателарните односи, а од друга страна имам една поконкретна задача што ми ја даде францускиот претседател за да помогнам во европската интеграција, вели француската амбасадорка.
Тоа, додава таа, не е променето откако Бадинтер беше овде и работеше, откако со Ален Лероа ја организираа првата мисија за мир и безбедност „Конкордија“.
- Франција не го промени својот став. Ја имаме истата стратешка цел, а таа е да се интегрираат сите земји од Западен Балкан. Тоа е ушто поважно денес затоа што проблемите од кои се засегнати балканските земји ја засегаат и Франција, појаснува Оер.
Таа не очекува да се повторат настаните од 24 декември, лани околу носењето на новиот буџет на Македонија за 2014 година, бидејќи вели, на тоа обврзува мартовскиот договор.
- Договорот од 1 март обврзува да не се случуваат такви настани. Со тоа, навистина ќе се напуштат сите напори што земјата ги прави како и годините наназад. Мислам дека кризата е зад нас, имавме договор од 1 март, а потоа Анкетната комисија помогна да се донесат заклучоци. Денес тие заклучоци се кохерентни. Значи, станува збор за механизам кој е мошне интересен за Македонија. Односно истиот тој механизам нема да може да создаде судири, процедурални проблеми и во однос на присуството на новинарите во институцијата Парламент. Станува збор за една целина на одлуки коишто беа донесени и коишто треба да превенираат во иднина да се случуваат такви настани, децидна е француската амбасадорка Оер за „Гласот на народот“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа