Филипче: Буџетскиот дефицит изнесува рекордни 7,8 милијарди денари

 

Македонската економија се движи во погрешна насока, наместо напредок, сведоци сме на продлабочување на кризата, неконтролирано трошење, пад на инвестициите и намалување на животниот стандард, посочи претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Во однос на економските параметри, Филипче потенцираше дека бројките покажуваат негативни резултати што е последица на погрешните владини економски политики. Намалување е регистрирано кај капиталните инвестиции и индустриското производство, кои треба да бидат двигатели на економскиот раст.

„Во првите два месеци од 2025 година, реализацијата на капиталните инвестиции е само 2,43%. За споредба, во истиот период минатата година биле реализирани 12,1%, Сега, инвестициите во инфраструктура и економски развој се целосно запрени. Без капитални инвестиции, нема економски раст. Владата очигледно нема капацитет да исполни ниту едно ветување за модернизација и развој, иако ова им беше една од главните пораки. Индустриското производство опаѓа веќе четири месеци јасен индикатор дека стопанството слабее. Во декември 2024 година падот изнесувал 1,4%, во ноември 3,5%, во октомври 1,1%, а во септември цели 7,9%. Без силна индустрија, нема економски раст и развој“, рече Филипче.

Наспроти падот на капиталните инвестиции и индустриското производство, се продлабочува буџетскиот дефицит, што ќе придонесе за раст на ионака зголемениот јавен долг.

„Во првите два месеци од 2025 година, буџетскиот дефицит изнесува рекордни 7,8 милијарди денари. Државата троши многу повеќе отколку што прибира. Владата создава опасен јаз помеѓу приходите и расходите, кој ќе мора да се покрива со нови долгови. Ова е рецепт за финансиски колапс. Во тој контекст логично е што расте и јавниот долг и сега е над 70% од БДП. Владата избегнува да ги објави точните бројки. Државниот бројчаник не работи, а Министерството за финансии молчи. Граѓаните имаат право да знаат колку навистина должиме а и кои се плановите за враќање на тие долгови“, рече Филипче.

При тоа, Филипче потенцираше дека додека економијата се движи во погрешна насока, македонските компании се уште ја чекаат поддршката од унгарскиот кредит од 250 милиони евра. Останува непознато како што кажа Филипче дали овие средства ќе стигнат до економијата или ќе завршат во нетранспарентни зделки, а недостигот на информации создава сериозен сомнеж за начините на трошење на јавните средства.

 
26.02.2025 - 12:37

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега