Скопје го одбележува Денот на ослободувањето
Денеска се прославува13 Ноември - денот на ослободувањето на Скопје.
По тој повод, градоначалникот Коце Трајановски утрото се сретна со претставници на Градскиот одбор на Сојузот на борци од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија.
Делегации на Град Скопје и на Собранието на Република Македонија положија цвеќиња пред Споменикот на ослободителите на Скопје на Партизанските гробишта и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски на Градските гробишта „Бутел“.
- Денеска се навршуваат 69 години од денот кога жителите на Скопје ја дочекаа и ја славеа слободата, 13 ноември далечната 1944 година. Од тој ден, Скопје пулсира како слободен град и се движи по патеката на својот постојан развој. Затоа и денес, гордо стоиме тука, пред овој споменик и пред вас, борците учесници во неговото ослободување, да ја оддадеме нашата почит на сите оние кои го дадоа својот живот за слободата на Скопје и на сите преживеани борци, кои пред нас и овој пат сведочат за еден од најсветлите денови од историјата на нашиот град, истакна градоначалникот Коце Трајановски во своето обраќање пред Споменикот на ослободителите, пред плато на Владата.
Од моментот на ослободувањето, по речиси седум децении развој, како што нагласи Трајановски, со уште позасилен интензитет изградбата на Скопје незапирливо продолжува. Никнуваат нови населби, улици, булевари, мостови, неопходни институции...
- Скопје, како главен град на Република Македонија има огромно значење и одговорност за вкупниот напредок на нашата земја и за нејзината заложба за рамноправно членство во евроатлантските интеграции, потенцира Трајановски.
Честитајќи го празникот, претседателот на Сојузот на борците од народноослободителната и антифашистичка војна Тодор Атанасовски го пренесе, како што рече, историскиот аманет- да си ја чествуваме својата историја.
Предложи да им се искаже признание и пиетет кон хероите кои го ослободија Скопје со пригоден споменик. Го замоли Трајаносвки да се промени локацијата каде се одржува манифестацијата „Појадок на мост“ затоа што таму се загинати голема група на момчиња од Скопје.
Од 10 до 18 часот во Центарот за дарување крв во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ во Скопје се одржува традиционална крводарителска акција. Во рамки на акцијата, во знак на благодарност и поттик за понатамошна активност, Црвениот крст на Град Скопје им додели награди и признанија на најуспешни поединци, фирми и институции кои покажале најдобри резултати во крводарување, унапредување и промоција на крводарителството во нашиот главен град. Посебно признание доби првата приватна болница „Ремедика“ во знак на благодарност кон нивната континуирана поддршка на крводарителството на територија на Град Скопје.
Познати писатели, пејачи, спортисти, политичари, актери и други јавни личности сликаа дела кои ќе бидат презентирани на повеќе изложби во Скопје и низ Македонија под заеднички наслов „Познатите сликаат“. Своите авторски дела тие ги создаваа од 10 до 12 часот во Културниот центар „Феникс“ кај Универзална сала, каде што трајно ќе биде отворена Галерија на познатите. Организатор на настанот е Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“ од Скопје.
Настаните за чествување на Денот на ослободување на Скопје - 13 Ноември ќе продолжат вечер во фоајето на Македонската опера и балет, каде ќе бидат изложени уметнички слики од меѓународната ликовна колонија „Скопје 2013“. Во 19:30 часот градоначалникот Трајановски ќе им ги врачи признанијата на добитниците на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје“ за 2013 година. Драган Мијалковски е награден во областа уметност, Љубиша Никодиновски во култура, а Даут Даути во областа наука и публицистика. Славка Арсовска во областа на образованието и воспитувањето, Миодраг Мицковиќ во областа спорт, а Сузана Пауновска и Миливоје Јанковски во хуманитарна активност. Од областа на стопанството, наградата ја добиваат Никола Ветаџокоски и Сојузот на стопански комори. Од областа на заштитата и унапредувањето на животната средина и природата наградени се сервисот за поправка на електрични производи-Раде Кончар и учениците и студенти-Филип Конески, Бисера Степановска и Моника Стојанова. Ќе се одржи гала концерт на Македонската опера со солисти од странство и од Република Македонија.
По повод одбележувањето на 69-годишнината од ослободувањето на Скопје, се одржа традиционална есенска студентска планинарска тура „Водно 2013“. Стартот беше пред платото на Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, а целта на Средно Водно, каде студентите од Факултетот за музичка уметност организираа забава. Изминатите денови се одржаа повеќе спортски настани, меѓународен шаховски турнир на слепи и лица со оштетен вид, се одржаа финални борби и доделување на Златен гонг, 17. традиционален шаховски турнир на пензионерите на Град Скопје, ноќна атлетска трка „Низ улиците на Скопје“, турнир во мал фудбал на јавните претпријатија на Град Скопје, меѓународен кугларски турнир „Скопје опен 2013“...
Во Музејот на Град Скопје утревечер ќе се одржи манифестацијата АСК - Архитектура Скопје, а на 20 ноември во библиотеката „Другарче“ ќе бидат изложени детски цртежи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа