СДСМ: Продолжува скандалот во Ранковце - Николовска неовластено директорува со „Христијан Тодоровски - Карпош“
Скандалозните случувања, проследени со притисоци, уцени и закани во ОУ„Христијан Тодоровски-Карпош“ во општина Ранковце продолжуваат, рече на денешната прес-конференција Мики Милковски, заменик-координатор на Советничката група на СДСМ и НСДП во општина Ранковце.
-Разрешената директорка на училиштето, Слаѓана Николовска, која со правосилна пресуда на Основниот суд во Крива Паланка е прогласена за виновна за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, а против која се водат и други кривични постапки, веќе два месеци нема извршено примопредавање на функцијата и неовластено директорува со училиштето, рече Милковски,
Според него, Николовса, неовластено потпишува јавни набавки, платни списоци, ги злоупотребува печатите на училиштето и на незаконски начин извршила смена на членови на Училишниот одбор, како и избор на негов незаконски претседател. Градоначалникот на Ранковце, додаде Милковски, нема да потпише исплата на плати на наставниците се додека некој не ја замени Николовска. Вината за ваквата состојба, СДСМ ја бара во државните институции.
-Државниот просветен инспекторат, Министерството за образование, Државната комисија за спречување на корупција и другите државни органи иако навремено се известени за сите случувања се уште молчат? Дали и понатаму ќе молчите и ќе дозволите ова основно училиште незаконски да го раководи лице правосилно осудено за „злоупотреба на службената положба и овластување“? Дали зад држењето на оваа директорка со сила, се сокриваат можни скандали, афери или криминал правени во претходниот период или пак крајната цел на ВМРО-ДПМНЕ е преку радикализација на случувањата да се одземат ингеренциите на општината во делот на образованието, рече Милковски на денешната прес-конференција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа