Домот за деца без родители „11. Октомври“ доби донација од 3.000 евра
Домот за деца без родители „11 Октомври“ денеска доби парична помош од 3.000 евра, во рамки на хуманитарната акција „Мајките одобрија“ која се одвиваше изминатиот период.
Во рамки на акцијата на иницијатива на Аргета, мајки-учеснички предложија хуманитарна организација, го презентираа својот избор на Интернет, а македонската јавноста со најголем број гласови ја награди ЈУ Дом за деца без родители „11 Октомври“, со што таа доби донација од 3.000 евра. Хуманитарната акција ги обедини 18-те мајки од Македонија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и од Косово. Меѓу нив беа и трите македонски хуманитарни организации од кои Домот за деца без родители доби најмногу гласови преку Фејсбук страницата и ја доби донацијата.
Директорот за продажба во Аргета, Небојша Јакимоски изјави дека Домот ќе најде најдобар начин да ги потроши средствата.
- Одлуката да се додели донацијата во Домот беше донесена преку акцијата преку Интернет. Трите селектирани мајки од Македонија предложија по еден проект и потоа имаше транспарентно гласање на Интернет и интернет гласачите одлучија овој проект да се додели на Домот за деца, посочи Јакимоски.
Раководителот на воспитната служба во Домот за деца „11 Октомври“, Вера Петровска се заблагодари за донацијата, додавајќи дека во институција како нивната каде се згрижуваат деца постојано има потреба да ги задоволат потребите на децата.
- Постојано има потреба да ги унапредиме сите оние потреби кои ги носи современиот живот, значи да имаме интернет во целата институција, можеби ќе ги потрошиме за некоја прошетка која им е битна на децата. Ќе се договориме со децата и според фондот пари што го имаме ќе ги распоредиме за да имаме за се што ни треба, додаде Петровска.
Маја Бошковска, мајка од Македонија и учесник во акцијата, рече дека и е задоволство што нејзиниот предлог на организација за донација е избран.
- Посебно сум горда што заедно со Аргета ќе им овозможиме на овие дечиња една насмевка на нивните лица и ќе им помогнеме сите заедно во натамошниот нивен живот да израснат во добри личности, додаде Бошковска.
По доделувањето на донацијата, Петровска на Јакимоски му додели благодарница, слика и грнче, рачно изработени од децата од Домот кои потоа одржаа приредба.
МИА
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа