Груевски: Довербата на граѓаните да се оправда со постојана работа и напредок

Премиерот Никола Груевски денеска на политичката академија „Поттикнување на капацитетите на локалната самоуправа во Република Македонија“, што се одржува во Скопје, упати порака дека е потребен постојан напредок преку надградба, отвореност за идеи, иновативност, примена на европски и светски практики и конкретни дела за подобар живот на граѓаните и функционирањето на општините.

Довербата што ја доби ВМРО-ДПМНЕ на последните локални избори кога освои 58 градоначалнички места наспроти четирите на политичкиот опонент, според Груевски, мора повторно да се оправда пред се со работа, исполнување на програмата и создавање нови дела. Тоа, наведе, е можно само со продолжување со силното темпо на работа, со држење постојана мобилност и со постојан контакт со народот.

Градоначалниците кои веќе имаат искуство во раководење со општините ги советуваше да продолжат да работат на подобрување на условите за живот во општината, во партнерство со граѓаните да спроведуваат што поголем број проекти и да ги решаваат нивните проблеми, да создаваат подобри услови за локален економски развој, а преку тоа и нови работни места и да бидат отворени, чесни и одговорни во работењето. На оние што првпат застануваат на градоначалничката функција им порача да го задржат ентузијазмот и мотивацијата на највисоко ниво, да ги следат успешните примери, да воведат конкуренција помеѓу нив самите и да имаат во предвид дека се што ќе создадат ќе биде од корист за идните генерации.

- Бидете вредни, работете макотрпно. Граѓаните ги препознаваат искрените заложби, а резултатите и успехот ќе бидат неизбежни. Направете го тоа за вас, за нашите граѓани, за Македонија и не заборавајте, лесно е да те изберат, но многу потешко е да те реизберат. Не сме од денес за утре, рече Груевски.

- Да го подобрите секојдневието и да создавате дела. И никогаш не се затворајте, власта лесно може да ве опие, но тоа ќе биде препознаено и не само што ќе ја изгубите поддршката од партијата, туку ќе ја изгубите и почитта од граѓаните. Затоа постојано следете го системот на вредности и не се откажувајте од него и кога има искушенија. Само работата и делата кои ќе ги направите ќе говорат за вас и ќе бидат вашиот најсилен сојузник, порача Груевски.

Европратеничката Дорис Пак која е во дводневна посета на Македонија, на градоначалниците им укажа на потребата од подготвеност за промени и им порача максимално да ги искористат можностите од ИПА фондовите. 

- Иако Македонија не е членка на ЕУ и се уште не можете да ги почнете преговорите, се извинувам што е таква ситуацијата, како градоначалници доаѓате во контакт со ИПА-фондовите и треба да знаете како да ги користите на најефикасен начин, наведе Пак.

02.11.2013 - 15:09

најчитано сега