Сиљановска-Давкова разговараше со директорот на СИДА за поддршка и ЕУ интеграциите
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими Јакоб Гранит, генерален директор на Шведската меѓународна развојна агенција – СИДА, кој беше придружуван од амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џаин.
Изразувајќи благодарност за досега имплементираните проекти на СИДА во земјава, претседателката рече дека Агенцијата одиграла клучна улога во зајакнувањето на невладиниот сектор и македонската демократија преку финансиска помош во висина од 10 милиони евра за 2024 година, од коишто половината биле наменети за невладиниот сектор, 30 отсто за мултилатерални организации, а 18% за јавниот сектор, односно за проекти во областа на човековите права, демократијата, родовата еднаквост и климатските промени.
Генералниот директор на СИДА, кој е во неколкудневна посета на земјава, го истакна долгогодишното партнерство со македонската Влада и бројни државни институции и изрази подготвеност за продолжување и продлабочување на воспоставената соработка. Тој изрази интерес за инвестиции во развојот на инфраструктурата и транспортот, пред сé, во железничкиот сообраќај, како и во заштитата на животната средина и најави можност за соработка во текстилната индустрија.
Соговорниците разговараа и за македонскиот евро-интегративен процес, имајќи предвид дека Шведска е држава која како членка на ЕУ има високо почитуван глас и може да понуди вредни сознанија и експертиза во различни области.
Покрај политичката поддршка, оцени Сиљановска-Давкова, Шведска и практично придонесува за унапредување на нашата реформска агенда за влез во ЕУ, а наша цел е ова партнерство да продолжи и во иднина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа