Кујната во „Детска радост“ затворена - салмонела дијагностицирана кај три дечиња
Во текот на вчерашниот ден откако беше пријавена појава на труење со салмонела кај дечиња кои се згрижени во Детската установа „Детска радост“ во општина Гази Баба, државниот санитарен и здравствен инспекторат по службена пријава од Центарот за јавно здравје во текот на денот направи вонреден инспекциски надзор во Детската градинка во клоновите „Сончоглед“ и „Калинка“.
Доктор Вера Менкова од ДСЗИ истакна дека Инспекторатот согласно стандардните процедури времено ја затворил централната кујна: - - Во текот на надзорот во кој се присутни инспекторите за храна од Агенцијата за храна и ветеринарство и епидемиолог од Центарот за јавно здравје, земени се седум мостри од работни површини во централната кујна, седум примероци од храна, вклучувајќи го и контролниот оброк кој се остава задолжително согласно правилниците од Агенцијата за храна и ветеринарство од 29 овој месец и три испироци од раце на негователките односно воспитувачките од групите од каде што потекнуваат заболените деца, посочи Менкова.
Резултатите сеуште не се добиени, а кога ќе се добие стручното мислење од Центарот за јавно здравје ќе се види понатаму што ќе се спроведува.
- Првичните резултати по информацијата се добиваат по 48 часа односно 72 часа, додаде Менкова.