Илија Димовски: Да ја обединиме сликата за Македонија

 

Македонската левица (или барем оние што с` уште се препознаваат и се прозиваат под тој термин) очигледно има сериозни проблеми да го прифати плурализмот на македонското општество денес и во минатото. Опседнатоста со личните и со колективни грешки, за кои длабоко верувам дека им се одлично познати и јасни, на македонската левица денес не ~ дава можност да гледа демократски кон вредностите кои македонското општество ги црпи токму од историската, пред с`, методолошка, а не идеолошка, разлика помеѓу левите и десните национални концепти за ослободување на Македонија. Жално е што и по дваесетина години од нашата независност с` уште мора да дебатираме и да се објаснуваме за придонесот кон вечната идеја за слобода на Македонија на двата (а во случаи и многу повеќе) методолошки концепта.

Ја разбираме состојбата во која десетици и десетици предводници на левицата (политичка и општествена) растеле, се развивале и се образувале. Тие имаат внесен концепт на исклучивост за кој повеќето од нив и не се ни свесни. Овој мој текст секако не е наменет кон оние што не сакаат да читаат и да размислуваат, но верувам дека постои доволен интелектуален сегмент во денешната левица, кој може да ги прифати и да размисли за предностите на концептот на сеопфатност на идеолошките, политичките, методолошките и концептуалните диференцијации во македонскиот политички и борбен раст што денес ни ја донесува слободата на овој дел од Македонија.

Брзајќи да се китат со битки на претходните генерации (кои несомнено се за почит), денешниве левичари забораваат да погледнат и да видат дека оваа генерација има своја битка и свои предизвици. Бадијала некој пред нас изградил куќа ако ние не знаеме да ставиме покрив, би рекле постарите. Kонцептот на воздигнување на левите идеи за слобода и негирањето на десните не носи ништо добро за денешницата, а уште помалку за иднината на нашата патека. Никој што се борел за автономија или за самостојност на Македонија не смее да биде изоставен од нашата колективна свест. Никој што се жртвувал за таа идеја не смее да биде осуден врз база на денешните поимања за идеолошките разлики пред сто или пред педесет години. Во битката за слобода на Македонија своја жртва сториле и многу левичари и многу десничари, но и многу борци и идеолози кои се апстрахирале себеси од таквите разлики. Денешните потенцирања на припадност кон една или друга идеолошка крајност се по малку и наш пристап и наше поимање на историјата, а не вистински и тогаш постојни разлики. Сепак, да не заборавиме дека и во периоди на доминација на десниот политички концепт за слобода (периодот на борба на ВМРО со отоманската, грчката, српската и бугарската власт над Македонија) и во периоди на доминација на левиот концепт (борбата на партизанските одреди за слобода во сите делови) основна, а често и единствена водилка била слободата на Македонија и на македонскиот народ. 

Затоа несериозни и неуки изгледаат нападите, негирањата и игнорирањата што денешната левица ги прави кон сите различни и за нив помалку прифатливи одбележувања на историското единство на борбата за слобода на Македонија. Желбата за исклучивост на придобивките од слободата на денешните генерации на македонски левичари не е плод на вистинитоста на нивните погледи, туку е себичен пристап чиј резултат по можност повторно би требало да биде апсолутна доминација во сегашноста и апсолутна негација на десната политичка мисла не поради минатото, туку поради нејзино искористување во денешницата. Да тврдите дека оваа држава и нејзината слобода е плод на борбата само на еден од двата модела и како да тврдите дека планетата има само еден пол. Тоа е грижливо градена лага во периодот на Југославија (поради легитимни југословенски интереси, а не поради македонски), која, за жал, с` уште вирее во начинот на постапување на левицата во Македонија. Можеби треба да имаме дилеми дали денешните нови генерации веруваат во таа југословенска идеја на исклучивост кон десницата, но нивното постапување с` уште не ни дава простор да се надеваме на спротивното. Се надевам дека ќе н` убедат во нашата евентуална грешка.

Овие редови не ги пишувам со намера да исправувам историски невистини. Не ми е тоа целта. Ги пишувам единствено со надеж дека можам бар малку да влијаам на нормализацијата на политичките односи, кои секако си имаат свои последици од погоре споменатите разлики. Да се потсмевате и да не прифаќате дека за денешната слобода еднакво се заслужни сите што направиле саможртва, без разлика дали таа била во 1893 година, 1903, 1912, 1924 или во 1944 година или подоцна е интелектуален дефицит, кој нанесува штета денес. 

СДСМ и блиските до неа кругови конечно мора да ја прифатат реалноста на денешницата, но и реалноста на минатото. Kолку и тоа да значи откажување од претходните нивни идеолошки концепти на исклучивост, тоа мора да се случи. СДСМ треба да се охрабри и како партија од сегашноста, но и како наследник на комунистичката лева идеологија, да ги прифати и да ги признае придобивките за Македонија што како наследството го оставиле илјадници и илјадници луѓе, кои идејата за слобода на Македонија не ја гледале низ нивната призма. СДСМ треба да прифати дека основањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година во Солун е настан од огромно значење за сите подоцнежни битки на Македонците. Основањето на МРО е прв организиран обид и форма за насочување на борбата за слобода кон вистинската цел. СДСМ ќе биде голема партија само и само ако успее да ги надмине стереотипите наметнати во минатиот систем. Само тогаш ќе докаже дека го разбира, но и го прифаќа плурализмот од минатото како основен предуслов за да го прифати и плурализмот на сегашноста.

Десните политички концепти постоеле и постојат во Македонија. Тие не зависат од ставот на левицата кон нив. Тие преживеале и во периодите кога поради таквите идеи се завршувало во Идризово и ќе ги преживеат сите идни предизвици. Нивното одбележување е еднакво важно како и одбележувањето на левиот концепт за истата слобода за истата Македонија. Ние денес не смееме да живееме оптоварени со поделбите од минатото. Тоа е неодговорно и неинтелигентно. Имаме повеќе заеднички причини од разлики. 

Време е да ги славиме и Ѓорче Петров и Борис Сарафов, и Димитар Влахов и Тодор Александров, време е да ги славиме и Методија Андонов-Ченто и Михајло Апостолски. Време е да ја обединиме сликата за нашата Македонија.

Илија ДИМОВСКИ за Дневник

31.10.2013 - 12:34

најчитано сега