Јанакиески апелира: Жителите на Ржановце да не потпаѓаат под политички притисоци
Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, денеска им посочи на жителите на кумановското село Режановце да не потпаѓаат под политички притисоци, туку да почнат судска постапка и да ги искористат можностите од Законот за експропријација за да добијат цена за експропријација на земјиштето, неопходно за изградба на пруга.
-Ние како Министерство се обраќаме до Бирото за судски вештачења кое прави проценка и таа проценка нам ни е основ да доставиме предлог до Државно правобранителство кое треба да започне постапка за експропријација која пак ги повикува странките и нуди цена. Доколку граѓаните не се согласни со цената тогаш тие имаат право да поведат судска постапка, каде што судот ја определува финалната сума, врз основа на релеватни документи кои ги доставуваат граѓаните, изјави Јанакиески.
Јанакиески посочи дека во оваа фаза не може да се направи ништо, бидејќи Бирото за судски вештачења направило проценка: - Проценката е толку колку што е и зависи од местоположбата, локациите. Ние немаме законска можност да преговараме за цената. Затоа апелирам до граѓаните да имаат право да поведат судска постапка каде што судот согласно позитивните законски прописи ќе ја утврди сумата која ние како Министерство и јавно претпријатие ќе ја уплатиме. Во оваа фаза би замолил да не се прават проблеми, да не се иницираат политички активности бидејќи изградбата на пругата кон Бугарија се очекува последните 50-тина години, рече Јанакиески.
- Како што најавивме на почетокот на наредната година да се започне со изградбата, она што сакам да го потенцирам и апелирам до граѓаните да не протестираат и да не потпаѓаат под политички манипулации. Имаат можност преку судска постапка да си достават, а судот ќе ја определи сумата. Одговорно тврдам колку ќе пресуди толку ќе се плати. Таква беше и постапката и за гасификација, изградбата на Коридорот 10 и за експропријација кај Миладиновци–Штип и автопатот Кичево-Охрид. Ова не е прв проект и таа е законската постапка, наведе министерот за транспорт.
На новинарско прашање за изградбата на социјална зграда Јанакиески одговори дека очекува инвеститорот да почне со градба за да се запазат роковите.
- За претходната локација во поранешната касарана, никаде во деталниот урбанистички план не пишува дека тоа се згради за социјални станови туку тоа се прави согласно програмата на јавното претпријатие. Планираме да градиме социјална зграда во Куманово, претходно локациите во касарната се отуѓени и очекувам инвестоторот да започне со градба, бидејќи ако не се започне со градба ако инвеститорот не ги запази роковите согласно договорот тогаш ќе се раскине договорот, наведе Јанакиески.
Со измените на Законот за градежно земјиште, како што нагласи, воведена е казна од 5 илјади едва до 7 илјади евра за вработените во општините доколку навреме не ги внесуваат договорите во софтверот и не постапувааат доколку некој рок е пробиен.
- Градоначалникот може да обвинува, но негова задача е да привлекува инвестиции, да расчистува локации, да отвара нови работни места. Шпекулација е дека Владата или Министерството ја зголемиле почетната продажна цена за неизградено градежно земјиште со исклучива намена индустрија, наведе Јанакиески, упатувајќи прашање до градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски зошто досега не ги искористи доделените средства од 3,5 милиони евра за реконструкција на водоводна и канализациска мрежа.