Чешка силен поддржувач на македонската евроатланска интеграција
Чешка и Македонија се пријателски земји со добри политички билатерални односи кои можат да се унапредуваат со размена на искуства во парламентарната и соработка во економската сфера.
Ова, како што јави дописникот на МИА од Прага, го констатираа на денешната средба во чешката метропола, претседателот на Сенатот на Чешка, Милан Штех и неговиот македонски колега, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.
Добрите односи се отсликуваат преку постојаната и интензивна поддршка на Чешка за членство на Македонија во НАТО и интеграција на земјата во ЕУ.
- Чешка ја оценува позитивната работа и напорите на Република Македонија по прашањето за добивање членство на земјата во ЕУ и НАТО, истакна Штех.
Како и досега, наведе, така и во иднина, Чешка во целост ќе ги поддржува евроатлантските интеграции на Република Македонија, и ќе помогне со пренесување конкретно искуство за исполнување на процедурата за побрзо интегрирање во Европската унија.
Претседателот на чешкиот Сенат го информирал Вељановски за активностите коишто Чешка ги имаше во врска со одбележувањето на 1.500-годишнината од доаѓањето на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј во Голема Моравија.
Штех изрази подготвеност идната година да ја посети Македонија заедно со парламентарна и бизнис делегација. Во таа насока, двајцата високи политички претставници ја разгледале состојбата за понатамошно инвестирање и зголемување на трговската соработка.
- Изразувам благодарност кон чешкиот Сенат и чешката држава за постојаната поддршка која ја добиваме за успешно евроатланстко интегрирање, истакна Вељаноски истовремено изразувајќи задоволство од првата средба на чешко-македонските парламентарни делегации на ниво на претседатели.
Претседателот на македонското Собрание се заблагодари и за признавањето од чешка страна на Република Македонија под уставното име на почетокот на годината.- Разговаравме за унапредување на парламентарната соработка, која и сега е успешна и е значаен инструмент во градењето на севкупните билатерални односи, рече Вељановски.
Со неговиот домаќин ја разгледале состојбата за понатамошно инвестирање и трговска соработка.
- Чесите се успешни и заинтересирани и за енергетскиот сектор и веруваме дека ќе најдат економска исплатливост да продолжат со соработката која веќе ја имаат во Македонија, оцени Вељаноски, кој го поканил својот колега со делегација да ја посетат нашата земја.
Двајцата претседатели ги разгледале и актуелните политички случувања во Чешка, која по неодамнешните вонредни парламентарни избори има нов парламентарен состав кој треба да договори Влада.
Вељаноски во Чешка е придружуван од потпретседателот на Собранието, Сузана Салиу и пратениците Рејхан Дурмиши и Ромео Тренов.
Во рамки на посетата претседателот на македонското Собрание беше примен и од чешкиот премиер Јиржи Руснок со кого се согласија дека двете земји имаат добро развиени билатерални односи за кои има услови уште повеќе да се развиваат во економска насока. Беше изразен интерес од чешка страна за продолжување на соработката и инвестирањето во транспортниот сектор, животната средина и енергетиката.
- За нас, проблем со вашето име не постои. Го користиме уставното име, но сме свесни дека на меѓународно ниво има проблем во однос на употребата на уставното име, наведе Руснок, подвлекувајќи дека Чешка ги знае приликите на Балканот, има добри односи со сите земји и е отворена за соработка и медијација за сите отворени прашања.
Во рамки на посетата на Чешка, Вељаноски ќе одржи средба и со министерот за надворешни работи Јан Кохоут и работна вечера со потпретседателот на Сенатот, Премисл Соботка. Вељаноски во Прага ќе има средба и со претставници на македонската зедница во Чешката Република