53 семејства со новороденчиња добија ваучери од Кисела Вода
Градоначалничката на Општина Кисела Вода Билјана Беличанец – Алексиќ денеска додели ваучери на 53 семејства од општината кои имаат принова и кои поднесоа документација за еднократна парична помош.
- Со мерката што Општина Кисела Вода првпат ја применува од оваа година, искрено се надевам дека ќе дадеме скромен поттик и стимул за семејствата сериозно да размислуваат и да се одлучат за зголемување на бројот на дечиња, рече Беличанец – Алексиќ.
Таа упати апел до сите родители кои ги исполнуваат критериумите, заедно со барањето да достават лична карта или друг документ за лична идентификација, извод од матична книга на родените за новороденчето, како и фотокопија од трансакциска сметка. За паричната помош може да се аплицира 90 дена по раѓањето на детето.
- Сакам да испратам јасна порака дека Општина Кисела Вода се грижи, и понатаму ќе продолжи да се грижи за своите најмали жители. Овој проект во Програмата од социјалната сфера на Општина Кисела Вода ќе се запази се до крајот на истекот на мојот мандат, најави градоначалничката Беличанец - Алексиќ.
Од воведувањето на оваа мерка од страна на општината, досега се доделени вкупно 159 ваучери за еднократна парична помош на семејства со новороденчиња.