ЗНМ: Аболицијата на Кежаровски е во рацете на Груевски
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денеска испрати писмо до премиерот Никола Груевски во кое бара прашањето за аболиција на новинарот Томислав Кежаровски да се најде на дневен ред на наредната владина седница.
Претседателот на ЗНМ, Насер Селамни денеска изјави дека ЗНМ, пред речиси два месеци доставило предлог до Министерството за правда за аболиција на Кежаровски, но, оттаму, вели Селмани, сеуште нема одговор.
- Сметаме дека аболицијата на Кежаровски е од интерес на Македонија, прво затоа што е невин, не направил ништо лошо, туку открил злоупотреба на сведок, што е највисок јавен интерес и второ затоа што овој случај сериозно го нарушува угледот на Македонија во светот, рече Селмани.
ЗНМ смета дека Владата треба да ја искористи оваа законска можност и, како што вели Селмани, да спречи невин човек да остане во затвор. Според него, сега се е во рацете на премиерот Груевски, кој, како што рече, треба да го искористи неговиот неспорен авторитет во Владата и да му наложи на министерот Беџети да ја покрене постапката за аболиција кај претседателот Ѓорге Иванов.