Манчевски: Ако продолжи да трае кризата, не само од администрацијата, туку и од многу други места ќе има намалување

 

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ зборуваше за моменталната состојба со Ковид 19 која влијае на  економските фактори.

-Она што сакаме да го пратиме како порака со кратењето на платите на функционерите е пред се човечка солидарност. Се бараат решенија за медицинската состојба и ќе се дојде до тоа, но економските ефекти ќе останат како предизвик. Заштедите од платите на функционерите не се нешто големи, но сепак се порака дека мора да се солидаризираме. Има економски гранки кои веќе се многу погодени, ние се обидуваме да го зачуваме секое работно место, Ако продолжи да трае кризата во наредните неколку месеци, не само од администрацијата, туку и од многу други места ќе има намалување. Ова се врзани садови и ќе мора да сследи состојбата. Во овој период решивме дека ова се доволни мерки засега, но будно ја следиме состојбата и сакаме да ги слушнеме сите предлози и можни решенија. Мора да се грижиме за најпогодените и за секое семејство да не остане без приход, рече Манчевски.

На прашањето што е со оние кои ги изгубија своите работни места и со хонорарците, министерот Манчевски рече дека сака да прати порака до компаниите.

-Фирмите нема да добијат никаква помош ако отпуштат вработени. Што се однесува до хонорарците, во мерките се опфатени и велиме дека треба половина од договорената сума со авторски договори да им се исплати. Наоѓаме и приход за вработени во културата и спортот. Се уште не сме ги опфатиле сите гранки, се сконцентриравме на првично најпогодените. Процедурите за пристап до државната помош нема да бидат комплицирани, нема да се бараат купишта хартија. Ќе направиме да бидат лесно пристапни. Граѓаните треба да бидат спокојни, имаме заштитна мрежа, изјави Министерот.

Прашан дали се размислува и да се наметнат некакви мерки за најбогатите, Манчевски вели дека се уште нема такво нешто и дека се надева дека нема кризата да доведе до тоа.

-Нормално дека ако се вжешти кризата ќе биде побарано од оние кои имаат што дадат, нема да се бара од оние кои немаат. Драго ми е што веќе се јавија неколку фирми да помогнат, затоа го отворивме и солидарниот фонд, сега помош ни е потребна, вели Манчевски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

01.04.2020 - 10:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега