Претседателот Иванов во неколкудневна работна посета на Кина
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, од утре ќе престојува во четиридневна работна посета на Народна Република Кина.
Предвидено е претседателот Иванов да оствари средба со својот кинески колега, Н.Е. Џинпинг Си.
По повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина, во Пекинг, македонскиот претседател ќе има свое обраќање на свечениот прием, кој ќе се одржи во Салата на мирот во Кинеската асоцијација за пријателство со странски земји, а ќе присуствува и на свеченото отворање на 14. Меѓународен форум за Западна Кина, насловен како „Форум за меѓународна соработка на Западна Кина“, кој го организираат 12 провинции на Западна Кина и 12 министерства на Централната Влада.
Исто така, Иванов ќе оствари средба со гувернерот на провинцијата Сичуан Веи Хонг и ќе ги посети Универзитетот за традиционална кинеска медицина и Универзитетот за финансии и економија.
Заедно со македонскиот претседател, во Кина патуваат и министерот за здравство на Република Македонија Никола Тодоров и министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф.