Груевски: Сме биле и ќе останеме Македонци - никој нема право да бара да се самоизбришеме!
Македонскиот премиер Никола Груевски синоќа одржа трибина во Битола на која говореше за мерките кои во иднина планира да ги преземе Македонската Влада, предизвиците со кои се соочува Македонија и секако грчко-македонскиот спор за името.
Премиерот истакна дека оваа Влада ги решава проблемите на сите категории граѓани и ќе продолжи да го прави тоа со засилено темпо.
- Пред да дојде на власт оваа гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ не се сеќавам дека некогаш имало намалување на цените на лековите, не се сеќавам дека имало зголемување на пензиите, иако и претходно не беше лесен животот, а не беше лесно ниту за буџетот, но зголемување на пензии немаше, имаше само едно намалување од 8 отсто кога велеа дека бродот ќе потоне. Поминавме низ светска економска криза и европска должничка криза која во Европа се уште трае. Сепак успеавме бројот на нововработени да го зголемиме за 112.000 лица. Тоа не се случи случајно, туку затоа што се создадоа услови и им се пружи рака на стопанството, на компаниите со кои станавме партнер кој им помага и затоа нивниот успех го чувствуваме како наш успех бидејќи има нови вработувања, истакна Груевски на трибината и додаде дека постојат многу нешта по кои работењето на оваа Влада се разликува од некогашната на СДСМ. Во изминатите години на дело покажавме што значи да се внимава на сопственото работење. Првпат во Македонија токму оваа гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ воведе пракса за преиспитување на мандатите во текот на мандатот на избраните функционери. Тоа е проектот „Нов бран“ со кој минатата година 150 позиции беа заменети со други лица. Оваа година ќе бидат заменети и други лица кои што дале свој придонес, кои помогнале, но во последниов период покажале замор или друга потреба за да бидат заменети со нови лица кои ќе работаат со нова енергија и ентузијазам, појасни Груевски заблагодарувајќи им се на досегашните лица за нивниот придонес и најави дека за нивните позиции може да конкурира секој што се чувствува стручен, способен и квалитетен за тие места.
Исто така, премиерот Груевски се осврна и на проблемот со Грција.
- Нашиот јужен сосед се уште верува дека проблемот може да го реши со блокади, со уцени и со навреди. Зошто навреди!? Тие до ден денеска не нарекуваат ФИРОМ, дури не велат Поранешна југословенска Република Македонија,туку ФИРОМ - една кованица која не треба да ја употребуваат по ниту еден стандард. Тоа е исто како ние да ги нарекуваме ФОПОК –Former Ottoman Province of Greece-FOPOK. Колку би се навредиле ако така би ги нарекувале? Но, тие знаат дека на ваков начин проблемот не се решава, на ваков начин само се оддалечуваме. Очигледно е дека во овој момент тие немаат политичка волја да го решиме прашањето и затоа наметнуваат вакви работи. Нивниот вокабулар е се поостар и не се подготвени за компромис, а ние сме свесни дека ова прашање може да се реши само со компромис и ние сме подготвени за тоа. Но, не е компромис она што со години, децении и со векови нашите претци се бореле за да го достигнат, ги давале своите животи или гниеле по затвори сега да го уништиме. Не може некој од нас да бара она што сме со векови, сега да не сме, и да се самоизбришеме. Ние сме биле и ќе останеме Македонци со Македонски јазик во оваа држава Република Македонија, истакна македонскиот премиер Никола Груевски.
Заедно со премиерот, постигнатите резултати на Владата синоќа пред битолчани ги презентираа и министрите Зоран Ставревски, Миле Јанакиевски, Никола Тодоров и Спиро Ристовски.