Жерновски се „расплака“ пред амбасадорите
Писмо до претставниците на Дипломатско-конзуларните служби во Република Македонија, поповод аспењето на Претседателот на Советот на општина Центар Г.Шиповиќ од опозиционата СДСМ
Почитувани екселенции на Дипломатско-конзуларните служби во Република Македонија,
Во време кога сите со нетрпение го исчекуваме Извештајот на ЕУ за напредокот на РМ во нејзините реформи во еден од најчуствителните домени како што е развојот на демократијата , простете ми што Вашето внимание ке го свртам на една тема која не и оди во полза на нашата демократија и приближувањето на РМ кон ЕУ и НАТО.
Деновиве како и во изминатите неколку месеци откако опозицијата ја освои власта во општина Центар а јас бев избран за градоначалник, Владата на премиерот Никола Груевски и натаму продолжува со опструкции, со цел по секоја цена да направи пресврт во изразената волја на граѓаните на општина Центар. ВМРО-ДПМНЕ се служи со нелегални средства да го оневозможи функционирањето и реализацијата на изборната програма со која опозицијата доби мнозинство во Советот на општина Центар, а јас бев избран за градоначалник . Во оваа насока би сакал да истакнам неколку значајни настани:
-Уште за време на изборите, присуствуваме на изборни манипулации од најниско ниво. Се носеа граѓани од странство кои беа пријавени на адреси од станови во државна сосптвеност со по 70 лица на една адреса. Кога тоа не им помогна, почнаа да ги поништуваат изборните победи на сите места каде што победи опозицијата.Во тоа успешно асистираше Управниот суд на Република Македонија кој е под директна контрола на премиерот Никола Груевски. За време на повторените гласања власта се служеше со методи на заплашување и присила, поткуп и оневозможување на старите лица да излезат на гласање со исклучување на струјата, блокирање на лифтовите, повторното носење гласачи од село Пустец (Албанија) и тн.
-Кога конечно ја признаа победата по три изборни круга, Власта се досети на други методи. Најнапред во организираните протести пред општина Центар од страна на ВМРО-ДПМНЕ , беше демолирана зградата на општината заради наводниот план дека новата општинска власт ќе ја урнела црквата во центарот на градот иако јасно беше објаснето дека такво нешто не е предвидено во измените на Деталниот Урбанистички План.
-Напоредно власта ги саботираше вработувањата на експерти во општината и секојдневно испраќаше инспекции кои без основа ја казнуваа општината. На агенцијата за привремено вработување и’ беше одземена лиценцата од страна на Владата а од општина Центар не беше исфрлен од работа ниту еден привремено вработен пред завршетокот на договорт што не беше случај со општините во кои победија градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ.
-Власта на ВМРО-ДПМНЕ и ги одзеде од ингеренција на општина Центар зоните за бесплатно паркирање префрлајки ги во надлежност на Град Скопје. При секоја градба на плоштад, парк, зеленило, власта изнаоѓаше и сеуште изнаоѓа бројни пречки, изговори, ограничувања само со цел да ја одолжи изградбата на објектите под ингеренција на градоначалникот на општината.
-Последниот настан со кој е издаден налог за апсење на Претседателот на Советот на општина Центар Шиповиќ, ги поминува сите граници. Акцијата на МВР се нарекува Председавач, од каде јасна се гледа намерата на власта - да ја блокира работата на Советот на општина Центар. Целокупната конструкција за кривичното гонење е отпочната по изборот на Шиповиќ за Председавач на Советот. Овој чин е премногу прозирен и антидемократски. Поаѓајки од фактот дека односот на силите меѓу советниците на власта и опозицијата е 12 : 11 во полза на опозицијата, со новата ситуација соодносот ќе биде 11:11.
Целта на овој процес е да се блокира работата на Советот на општината, да не се донесе буџетот и евентуално со нови уцени да се заплаши некој од советниците да биде замолчен, односно да се изнуди оставка на претседателот на Советот, Шиповиќ. На тој начин се блокира и реализацијата на нашата изборна програма за општината, а советниците на опозицијата како и вработените на чело со градоначалникот се во уценета позиција. Со блокирањето, општинската власт нема да е во состојба да ги изгласа и обврските за греејната сезона кон градинките и основните училишта, со единствена цел на ВМРО-ДПМНЕ за реваншизам кон граѓаните на општина Центар кои гласаа за опозицијата. Масовните апсења станаа навика на оваа власт.
Сакам особено да укажам дека претседателот на Советот, Мирослав Шиповиќ е уапсен по меѓународна потерница во Виена, Австрија, кога сакал да ја чекира картата за враќање во Скопје. Ова покажува дека Шиповиќ немал никаква намера да бега. Напротив бил на пат за Скопје за да ја докаже вистината. Оттука, апсењето и определувањето мерка притвор за Шиповиќ е само политички реваншизам на власта.
Затоа овој случај ќе го интернационализираме, а Вас како претставници на ЕУ и на НАТО, Ве молиме да го поттикнете и доставите ова прашање и до вашите министерства односно влади како и до сите релевентни меѓународни организации како ЕУ, Советот на Европа, ОБСЕ, Amnesty International и други.
(Интегрален текст од писмото на Андреј Жерновски, градоначалник на општина Центар)