СДСМ упати честитка по повод Курбан Бајрам
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев, денеска, по повод големиот верски празник Курбан Бајрам, до поглаварот на Исламската верска заедница Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман ефенди Реџепи и до сите верници од исламска вероисповед во Република Македонија упати честитка, во која се вели:
- „Дозволете ми Вам лично, како и на сите верници од исламска вероисповед во Република Македонија, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот верски празник Курбан Бајрам, празник на солидарноста, споделувањето и зближувањето, ден кој ги нагласува сите човечки доблести.
Воедно, најискрено Ви посакувам празникот да го поминете во духот на среќа, хармонија и споделување љубов со ближните, како и почитување и разбирање на заедничките вредности за хуманизам, помагање и солидарност. Нека празникот Ви донесе добро здравје, радост, општа благосостојба и мирен духовен живот.
Со почитување на верската различност и негување на меѓусебната толеранција како нераскинлив дел од македонското општество да останеме и понатаму цврсто обединети во заедничкиот стремеж за градењето соживот и разбирање помеѓу различните вери и етникуми во Република Македонија.“ стои во честитката на Претседателот Заев.