Заврши реконструкцијата на патот Штип-Љуботен

Конечно е пуштен во употреба реконструираниот пат од Штип до Љуботен. Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески и градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев, денеска го пуштија во употреба патот на кој се потрошени 230.000 евра.

- Во моментов во Република Македонија се работи на шест регионални патни правци, најголем дел од нив се во источна Македонија и очекуваме сите тие шест патни правци да завршат, како што е еден од значајните, а тоа е регионалниот пат Радовиш-Конче. За наредниот период она што го истакнавме како приоритет за источна Македонија е изградба на автопатот Миладиновце-Штип, потоа реконструкција и проширување на патот Велес-Кадрифаково, а веќе се започнати градежните работи таму, изјави денеска министерот Јанакиески.

Според градоначалникот Захариев, по 50 години благодарение на Владата, се реконструира оваа делница, која, истакна, е значајна за жителите во викенд населбата Суитлак, но и за оние кои патуваат до селата Љуботен и Липовдол. 

На прашање до каде е постапката во Управниот суд со доделувањето на социјалните станови во штипската населба Сењак, министерот Јанакиески нагласи дека иако тоа му е товар, како министер не може да ги додели становите без одлука на Управниот суд.

15.10.2013 - 15:39

најчитано сега