Протестите на СДСМ нема да влијаат на извештајот на ЕК за Македонија

 

Европската Комисија која утре треба да го објави извештајот за напредокот во Македонија, повика земјава да продолжи со политичкиот дијалог и имплементацијата на препораките за истраги на собраниските настани од 24 декември минатата година.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, денешните протести и најави за нов бојкот на законодавниот дом од страна на социјалдемократите нема да влијаат на прогрес-извештајот.

- Да потсетиме дека во последните месеци во вашата земја се покажа што може да се постигне преку дијалог, компромис и политичка волја. Токму ова треба да стане правило и политичка норма во земјата. Важно е партиите и сите други да работат на имплементација на препораките од Комисијата за истраги и таа работа да продолжи, што ќе ја подобри функционалноста на парламентот и функционирање на дмеократските институции во земјата, вели Петер Стано, портпаролот на еврокомесарот за проширување Штефан Филе, во изјава за МИА.

Стано околу апсењето на Мирослав Шиповиќ вели дека за Еврокомисијата не е правило и пракса да коментира постапка што е во тек.

- Затоа и не го споменав овој специфичен случај оти ние не коментираме постапки што се во тек. На соодветните институции во земјата, на судството и на компетентните власти да се справат со ова прашање. Она што е важно за нас е да видиме дека овие прашања се решаваат базирани на европските правила и стандарди, порачува Стано.

Иако Стано не сака да коментира, како што јавува МИА, високи извори од Комисијата потврдуваат дека оваа нова криза што опозициската СДСМ сака да ја создаде во Македонија, сепак нема да влијае на прогрес-извештајот кој ќе биде објавен утре.

15.10.2013 - 13:20

најчитано сега