Компанијата „Амадеус“ ќе гради зграда со скали на плоштадот во Скопје
Компанијата „Амадеус девелопмент“ ДООЕЛ – Скопје даде најповолна понуда на електронско јавно наддавање за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македониј во општината Центар.
Се работи за неизградено државно земјиште предвидено со Детален урбанистички план „Мал ринг“, донесен од советот на општина Центар, со намена за изградба на објект со комерцијални и деловни намени за кој почетната цена на јавното наддавање изнесуваше 6.000 денари по метар квадратен.
Како најповолен понудувач се јави компанијата „Амадеус девелопмент“ ДООЕЛ – Скопје со понуда од 93.100 денари за метар квадратен, односно вкупно 97.382.600 денари, со што победи на денешната аукција. Со договорот компанијата е обврзана во рок од 9 месеци од извршената солемнизација на договорот да обезбеди одобрение за градба на предвидените објекти согласно урбанистичкиот план по кој земјиштето е отуѓено и да ги изгради објектите согласно урбанистички план по кој земјиштето е отуѓено, во рок не подолг од 6 години од денот на правосилност на одобрението за градење.
Воедно, Најповолниот понудувач е должен пред склучување на договорот за отуѓување на градежното земјиште во рок не подолг од 15 дена од завршувањето на постапката за јавно наддавање, да достави банкарска гаранција за навремено и квалитетно завршување на работите во износ од 100.000 евра, со рок на важност до крајниот датум за завршување со изградбата согласно договорот за отуѓување на градежно земјиште, а во спротивно ќе се смета дека градежното земјиште не е отуѓено, нема да се пристапи кон склучување на договор за отуѓување, депонираните средства на најповолниот понудувач нема да му бидат вратени, а истиот нема да може да учествува на секое идно јавно наддавање за предметната градежна парцела.