Иванов: ЕУ мора да го врати својот кредибилитет
Претседателот Иванов во интервју за словачкиот месечник „Димензие“ вели дека одлуката на Европскиот совет јуни во однос на Македонија била срамна и дека ЕУ мора да го врати својот кредибилитет.
- Од овие причини сметам дека кредибилитетот на ЕУ во нашиот случај е доведен во прашање. Јас сум убеден дека никому не му е во интерес да се одржуваат наметнати пречки во процес кој создава заеднички придобивки. Факт е дека пристапните преговори го олеснуваат решавањето на билатералните прашања. Тоа се покажа во случајот на Словенија и Хрватска. Македонија и Грција со поддршка од Унијата би можеле да го следат и применат овој позитивен пример. Всушност, тој пример дава дополнителен кредибилитет на нашите барања и очекувања. Процесот на преговарање и е потребен на Република Македонија, за да побрзо ги постигнеме сите европски стандарди и да создадеме амбиент во кој граѓаните ќе се чувствуваат сигурни и ќе имаат доверба во институциите, вели претседателот Иванов за „Димензие“.
Иванов во интервјуто за месечникот потенцира дека Европската унија и понатаму останува стратешка цел на Република Македонија.
- Да потсетам дека Република Македонија веќе 8 години е земја-кандидат за ЕУ. Добивме 4 препораки за отпочнување на преговорите за членство. Започнавме пристапен дијалог на високо ниво - процес во кој со несмален интензитет, одговорно ги остваруваме сите поставени задачи и кој беше позитивно оценет во пролетниот извештај на ЕК. За жал, македонскиот евроинтеграциски пат е неправедно отежнат, поради блокадата од нашиот јужен сосед, а поради нерешеното билатерално прашање за разликата околу името. Сепак, без разлика на овој, би рекол преседан, сакам да порачам дека ЕУ е и ќе остане стратешка цел на Република Македонија сè додека ја имаме поддршката од граѓаните. Граѓаните ни го довериле мандатот за исполнување на таа цел и тоа е наша обврска“, вели претседателот Иванов во интервјуто за „Димензие“.
Иванов вели дека само со почитување на правната рамка на Обединетите Нации може да се дојде до деблокада на евроинтеграциите на земјата.
- Ако Грција ги почитува договорите на кои се обврзала, ако ја почитува Времената спогодба, резолуциите на Советот за безбедност на ОН и ако ја почитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата, само така ќе се надмине ова прашање и ќе се деблокираат македонските интеграции. Со Времената спогодба, Грција се обврза да не го блокира членството на Македонија во меѓународни организации. Наместо тоа, тие буквално го уценуваат нашиот прием во ЕУ со промена на името. Пресудата, пак, на Меѓународниот суд на правдата јасно ги отфрла сите обвинувања од страна на Грција и ја потврдува исправноста на македонската политика во разговорите за името и нашата конструктивност. Значи до решение може да се дојде само со почитување на меѓународните обврски и со сериозни и конструктивни разговори во согласност со резолуциите на ООН. Блокади, наметнување дополнителни услови и излегување од рамката на разговори не помагаат во процесот. Нашиот став е јасен и ние нема да прифатиме разговори за идентитетските прашања. Ние сме и не можеме да бидеме ништо друго освен Македонци. И јазикот што го зборуваме е македонски. Тоа е реалноста, што Грција треба час поскоро да ја прифати, вели претседателот Иванов.
Во однос на влезот во НАТО, Македонскиот претседател вели дека за Македонија прашањето не е дали, туку кога ќе стане членка на НАТО. Тој додава дека Македонија и понатаму ќе се бори да го добие она што го заслужува.