"Порака" одбележа 50 години грижа за лицата со интелектуална попреченост
Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ кој се грижи за 20.000 лица со интелектуална попреченост денеска одбележа 50 години постоење.
На настанот свое обраќање имаше македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов: - Вашата активност преку дваесетте локални клубови ширум Република Македонија има круцијална улога во поддршката на лицата со интелектуална попреченост, рече претседателот Иванов.
Претседателот посочи дека вклучувањето на лицата со интелектуална попреченост во општествените и социјалните процеси е морална и институционална обврска.
- Мораме да ги срушиме пречките и да ги победиме предрасудите и стереотипите неуморно работејќи на подигнувањето на јавната свест. Во контекст на ова, сите досегашни искуства, истражувањата кои се преземаат, позитивните пракси на „Порака“, но и на останатите организации, се извонредна основа за целосно имплементирање на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, која беше ратификувана во македонскиот Парламент пред помалку од две години, нагласи претседателот Иванов.
На одбележувањето 50 години од постоењето на Порака, присуствуваше и министерот за труд и социјала, Диме Спасов, кој посочи дека наскоро ќе бидат отворени нови центри од овој тип.
- Наскоро ќе бидат отворени дневни центри и во Кратово и Струмица, а како резултат на трипартитното партнерство помеѓу Министерството, Републичкиот центар и градот Скопје, ваков центар ќе биде оформен и на територија на општина Ѓорче Петров, најави тој.
Исто така, министерот Спасов ја спомена и мерката која ја најави премиерот Никола Груевски, со која се превидува вработување во државната и јавната администрација на 300 лица со инвалидност, меѓу кои, покрај лицата со оштетен вид, слух, говор, телесните инвалиди, ќе бидат опфатени и лицата со интелектуална попреченост, при што во текот на овој месец ќе биде објавен оглас на кој ќе можат да аплицират невработените лица со инвалидност, да се вработат, а со тоа да го надминат својот најголем предизвик.