Француските медиуми со пофалби за „Сестрата на Зигмунд Фројд“

 

Информирајќи ја француската јавност за објавувањето на романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски во издание на „Белфон“ од Париз, новинската агенција АФП истакнува дека станува збор за „фасцинантен роман“.

Романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ неодамна се појави на француски јазик во превод на Харита Вибрандс и Артур Вибрандс. Делото веќе доживеа промоција во Париз, како и на Саемот на книгата во Нанси, а доби многу високи оценки.

- „Гоце Смилевски има дарба да ги осветли големите идеи кои го потресуваат светот, додека нив ги преживуваат ликови од крв и месо“, се дел од коментарите за романот.

Критичарката Астрид де Ларминат во престижниот париски дневен весник „Фигаро“ го потенцира „убавиот хуманистички дух на делото“ напишано од „романсиер кој црпи од сите дисциплини за да ја разоткрие мистеријата на човекот и неговото опстојување“.

За романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ Гоце Смилевски во 2010 година ја доби Наградата за литература на Европската унија, а минатата година Наградата за медитеранска култура.

14.10.2013 - 11:04

најчитано сега