Вигенин: Договорот за добрососедство е заеднички интерес на Македонија и Бугарија
Шефот на бугарската дипломатија Кристијан Вигенин, во интервју за Бугарското национално радио вели дека е оптимист оти во блиска иднина ќе биде постигнат сериозен напредок во врска со договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија. Според него, проблемите со Македонија на прв поглед изгледаат сложени, но можат да се решат и тоа би било во интерес и на двете земји.
- Процесот на преговори со Македонија продолжува во максимално отворен дух, а дали ќе успееме многу бргу да стигнеме до заемно прифатливи решенија во многу ќе зависи од добрата волја на македонската страна, вели бугарскиот министер.
Според Вигенин, Бугарија веќе искажала подготвеност за компромис, а тоа, вели министерот, го очекува и од македонската страна.
Тој вели дека договорот за добрососедство е заеднички интерес, ќе ги штити бугарските интереси и ќе биде сигурна основа за европски односи базирани на добрососедството.
За договорот за добрососедство, Вигенинин минатата недела во Брисел разговараше со еврокомесарот за проширување Штефан Филе. Бугарските медиуми деновиве пренесуваат дека Софија инсистира на склучување на договорот пред евентуалната одлука за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.