Драган Павловиќ Латас - Морално
Во принцип, приказните за моралот се, сами по себе, неморални. Како што насилствата во името на демократијата, врз другите кои не ја прифаќаат вашата демократија, се недемократски.
Но, на крајот се се претвара во сопствената спротивност.
Ќе потрошите младост и пола живот за да бидете поинакви од вашите родители, па некаде околу пеесеттата ќе приметите дека сте и бетер од нив.
Значи, иако неморално, за моралот станува збор.
Политички морал кај нас, а и во блиската ни околина.
Иако потрошив здрави 20 години за докажување дека комунизмот беше лош систем, и ние треба да изградиме нов, да го смениме светот согласно своите потреби, своите можности и во соработка со другите... ми се случува да легнам навечер убеден дека под Тито беше подобро. После, од сабајле е поинаку, ама...
Деновиве во Србија се слави 5 октомври, денот кога во 2000-та беше урнат Милошевиќ, а Србија, нели, тргна по патот на демократијата.
Има ли што да се слави.
Милошевиќ, правно формално, беше урнат на сила. Со државен удар врз легитимно избрана власт. Велат лоша власт за граѓаните, но изборна власт.
Причина за државниот удар беше дека изборната комисија ги наместила изборите со кои Милошевиќ и неговите победиле со 2 проценти а дека, според пучистите, вистината е дека загубиле со три отсто.
Се организира, и тоа со странска помош, народ на уривање власт. Предводници - експерти за државни удари од организацијата Отпор. Како што подоцна се виде, отпорашите не биле спонтана демократска појава, туку американска платена група за агресивни, насилни политички акции.
Дека е така, се покажа и во нивната активност, подоцна во Украина, Белорусија, и некои други бунтови низ источна Европа, а и Африка.
Во септември 2003 година, Небојша Константиновиќ, еден од лидерите на Отпор, најави дека на наредните избори тие ќе настапат како самостојна партија. Не настапија. Брзо видоа дека народот не ги сака, и ги смета за обични платеници на странски служби. Се разбегаа. Отидоа по нови пари.
Меѓу вестите за терористичкиот напад врз заложници во трговскиот центар Вестгејт во Најроби, помина и изјава на лидерот на Отпор дека дента бил таму, но за среќа не се нашол во Вестгејт. Што барал таму, во Најроби.
Да се вратиме на српскиот пример. За моралот.
Кога демократите на Ѓинѓиќ и Чеда Јовановиќ насилно влегоа во српското собрание, дојдоа и до гласачките ливчиња. Наместо да ги пребројат, и јавно да утврдат кој навистина победил на изборите, тие ги фрлија низ прозор.
Нивната победа, без броење гласови, ја утврди судот. На жими мајка.
Се потоа, од тука па натаму, беше неморал. Копиле на демократијата.
За поддршка од надвор, Ѓинѓиќ и Чеда Јовановиќ, надвор од Уставот и законот, го продадоа и предадоа сопствениот претседател во Хаг. По него и десетици други, кога ќе им затребаше нов кредит од Брисел и Вашингтон.
За возврат Брисел и Вашингтон им дозволија диктатура во сопствената држава. Сите медиуми беа нивни. Ги опљачкаа, до коска, фабриките и државниот имот. Создадоа банда олигарси, силеџии и квази невладини групи.
Сега народњакот Вучиќ, по 12 години, крпи што може да се закрпи.
Само во два објавени случаи на корупција, Агробанка со проневера на 300 милиони, и рудникот Колубара со проневера на 200 милиони евра, се доволни власта на демократите, на Ѓинѓиќ и Чеда Јовановиќ, да се помножи со нула.
А не се само тие. Многу други такви се во постапка.
Се додека има барем еден лик од власта на Ѓинѓиќ и Чеда Јовановиќ во српската политика нема збор за морал и политичка етика во таа земја. А без тоа, нема ни политика достојна за респект кај сопствените граѓани. А ни надвор.
Ова не е српска приказна. И наша е.
Наша затоа што, идентично, ние го гледавме тој филм во деведесеттите.
Кога на Брисел и Вашингтон им требаше пациент кој ќе спроведува квази демократија на штета на сопствената држава, а нивна геостратешка корист, тие го најдоа. Се одзива на Бранко Црвенковски.
Србите го продадоа Милошевиќ и Косово. Бранко го продаде знамето, името на државата, а ујдисан со Љубчо, во 2001, го продаде и Уставот.
За возврат, му дозволија да ја ограби државата, да апси и затвара медиуми, да гради своја олигархија, да контролира опозиција со полиција и црни пари. Се му беше дозволено, и потоа беше заштитен од последиците.
Љубчо Георгиевски и Петар Гошев без недвосмислени соучесници.
Тоа е македонскиот инсерт од долгата приказна за политичкиот неморал.
Се додека барем еден лик од кампусот на Црвенковски, особено од тие години, е во македонската политика, нема европска политика во Македонија.
Дали тој се викал Тито Петковски, Петар Гошев, Љубчо Георгиевски, Радмила Шекеринска... ние немаме право да бараме демократија за себе. Се додека ние гласаме за некој од нив, сме дале глас против самите себе.
А човек кој по себе мава, нема право на почит од другите кои го тепаат.
Бугарите се уште патат од нивната приказна. Кога комунистички полицајци, и нивните кодоши, глумат демократија. Бамборат за национализам како замена за слобода и безбедност на сопствените граѓани на кои тоа не им го даваат.
Нема европска политика, ни Д од демократија, кога Грци страдаат заради проневера на 200 милијарди евра, а никој, ама баш никој не е осуден за тоа.
Нема ни држава, а камоли демократија на Косово се додека политиката ја водат ликови осомничени за убиства и злосторства врз илјадници жртви. Додека својата власт ја плаќаат со подарување телекоми и рудници на американските генерали и политичари кои се трудат да им ја исперат биографијата.
Нема држава на Косово каде протераните Срби не можат да располагаат
со сопствениот приватен имот од куќи до станови, ниви кои Косоварите им ги украдоа, и ги присвоија. А Европа гледа. А Америка се смешка... Нема држава.
Нема фамилија која може да постои без почитување меѓу луѓето кои се семејство. А почитувањето се гради на морал, принципи и доверба.
Не е до парите. И Германија, и Франција поминале периоди на глад, беда и борба за гол опстанок... но, излегле од тоа. Имало идеја. Имало морал и доверба.
Нас тоа допрва не чека. Дали ќе ни успее. Јас мислам - да.
Иако знам дека е неморално на други да им се зборува за моралот.
Ама, морално беше.
Драган Павловиќ Латас за Вечер