МВР се пофали со новите возила - од утре “пазете се“ од овие Шевролети
Новите 100 полициски возила „Шевролет спарк“ од автокомпанијата „Авто Македонија“ денеска се паркираа пред Министерството за внатрешни работи а од утре ќе можеме да ги видиме низ улиците низ цела Македонија. Авто Македонија, на електронското наддавање спроведено од Министерството постигна најповолна цена согласно критериумите кои се бараа во тендерот.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, на денешната промоција истакна дека станува збор за мали градски возила кои се економични со потрошувачка од пет литри гориво на 100 километри.
- Без разлика на тоа што се работи за мали возила, тоа се возила со висока безбедност и со последна година на производство, што значи дека се работи за нов модел кој во себе ги има инкорпорирано сите безбедносни стандарди. Освен тоа, она што беше еден од условите во тендерот, беше и сите возила да ја имаат неопходната полициска опрема, што значи дека практично нема да бидат потребни никакви дополнителни интервенции во смисла на нивно приспособување за полициски потреби и тие веднаш може да се стават во употреба,рече Јанкулоска.
Како што објасни Јанкулоска, целта на набавката на новите сто автомобили, беше зајакнување на капацитетот на полицијата на територијата на цела Република Македонија, пред се во урбаните средини, но и во подрачјата каде полициските станици покриваат поголем број населени места, значи во општините со голема територија каде што има повеќе населени места, меѓутоа со помалку население бидејќи наша задача е да бидеме секаде онаму каде што граѓаните имаат потреба и интерес полицијата да биде присутна.
- Верувам дека веќе во наредниве денови откако овие возила ќе бидат ставени во употреба односно предадени на користење на соодветните полициски станици низ Република Македонија, брзината на одговор на полициските службеници ќе се зголеми што значи дека ќе бидат многу поефикасни во случај кога ќе има пријава од граѓанин да можат во разумно брз временски период да стигнат на местото каде што граѓаните ги повикуваат, рече министерката Јанкулоска.
Возилата во полициска изведба (односно четири резервни гуми, сигнален уред за звучна и светлосна сигнализација, како и сервисирање на возилата за наредните три години додека трае договорот), чинеа 45.353.800 денари. Новите возила главно ќе бидат распоредени во секторите за внатрешни работи.