Министерот Попоски на состанок за франкофонската солидарност во Њујорк
Македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски, вчера во Њујорк, во седиштето на ОН учествуваше на неформален министерски состанок на земјите членки на Меѓународната организација на Франкофонијата, во рамки на 68-то ГС на ОН.
- Одлично видување на Бан-Ки Мун на француски, за тоа како група земји кои ги поврзува јазик може да промовираат мир и стабилност глобално, изјави по состанокот Попоски.
Шефот на македонската диплматија учествуваше и на состанок на високо ниво за постигнување на Милениумските развојни цели за лица со попреченост во развојот на тема „Патот напред: инклузивна развојна агенда за попреченост кон 2015-та и потоа“.
- Еден од седум луѓе во светот живее со некој вид на попреченост во развојот. Ние мораме да се осигураме дека нивните интереси се вклучени, нивните предизвици земени предвид во развојната агенда која сега ја градиме, рече меѓу другото Попоски.
На маргините на 68-та сесија на Генералното собрание на ОН, министерот Попоски остварил средба и со генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер. На средбата тој ја истакнал успешната соработка на Република Македонија со Организацијата за безбедност и соработка во Европа и со нејзините институции. Попоски ја посочил соработката со претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите во однос на изработката на предлог-законите за медиуми и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и со Високиот комесар за национални малцинства во однос на изработката и имплементацијата на Стратегијата за интегрирано образование.
- Основната мисија на ОБСЕ во Македонија е одамна надмината. Сепак, придонесот е најкорисен ако е посветен кон споделување експертиза од земји членки при реформите битни за нашата ЕУ интеграција, изјави по средбата Попоски.
Министерот Попоски имал средба и со министерот за надворешни работи на Нов Зеланд, Мари Макали, а со претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски учествуваше на работен ручек со сопственикот на списанието Форбс, како и на средба со македонската дијаспора во Њујорк.