Филков: Нашата одлука да го разрешиме Коцевски не е само правна, туку и морална – потребно е да се создаде нова атмосфера на професионализам и почит во институцијата

 

Министерот за правда Игор Филков осврнувајќи се на предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител ,Љупчо Коцевски вели дека негова оставка би била логичен и неопходен чекор за зачувување на интегритетот на правосудниот систем доколку е нарушена довербата или ако има доволно аргументирани причини за неговата одговорност.

-Овие резови, реформи и трансформации нема да бидат лесни и секогаш ќе има страна која ќе критикува. Кај широката јавност пак, се чувствува нетрпение, сите сакаат уште побрзо ефикасни решенија кои ќе го унапредат системот, на кој ќе му веруваме сите ние како граѓани. Но ќе треба трпение,  знам дека нема назад, одиме само кон вистинскиот пат, кој најчесто е најтежок и најдолг за жал, вели Филков во интервју за МКД.мк.

Вели дека во однос на државниот јавен обвинител, неговата одговорност е клучна за правилното функционирање на правосудниот систем и довербата на граѓаните во институциите.

-Секое мислење од Советот на јавни обвинители е битно за оваа постапка, но важно е да се напомене дека Министерството за правда и Владата нема да се водат исклучиво од мислењата на еден орган, ако тоа значи дека се поддржуваат лица кои не го исполнуваат својот мандат на соодветен и професионален начин. Ако Советот на јавни обвинители даде негативно мислење за предлогот за разрешување на обвинителот Коцевски, тоа нема да значи дека постапката е завршена. Министерството за правда и Владата имаат обврска да ги преземат сите законски мерки и да го почитуваат процесот предвиден во Законот за јавното обвинителство, вклучително и можноста за покренување на постапка пред Собранието на Северна Македонија, посочи Филков.

Министерот тврди дека во изминатиот период сме биле сведоци на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, нарушени меѓучовечки односи, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење и повреда на принципите на организација на Јавното обвинителство и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите во Вишото јавно обвинителство. 

-Одлуката за разрешување на Љупчо Коцевски како државен јавен обвинител не е донесена лесно, но е неопходна. Како Влада, но и како министер за правда, имаме обврска да осигураме дека сите институции, вклучувајќи го и обвинителството, ќе работат во согласност со законите, професионално и со највисоките морални стандарди. Коцевски, како јавен обвинител, направи сериозни грешки во вршењето на својата функција, а едната од најголемите е неговото однесување при поставувањето на в.д. виш обвинител, без да се придржува кон утврдените процедури. Ова не само што е правен пропуст, туку и удар врз принципите на транспарентност и правична распределба на должностите. Поставувањето на в.д виш обвинител, без да се постапи по законски утврдените критериуми, претставува сериозно нарушување на интегритетот и функционалноста на обвинителството. Тоа не само што ги доведува во прашање правата на вработените, туку и самата ефикасност и независност на институцијата, вели Филков.

Дополнително, министерот Филков укажува дека во случајот со Коцевски, постоеле наводи и докази дека неговото управување со Обвинителството довело до влошување на внатрешната атмосфера, што го нарушува довербата и ефикасноста на работата на обвинителите.

-Професионалните и етичките стандарди треба да бидат на прво место, и кога тие се загрозени, мора да се интервенира. Доколку некој, а особено високи функционери во правосудството, не успеваат да создадат соработка и здрави меѓучовечки односи во институцијата, тоа директно ја поткопува нејзината ефикасност и интегритет. Затоа, нашата одлука да го разрешиме Коцевски не е само правна, туку и морална – потребно е да се создаде нова атмосфера на професионализам и почит во институцијата, каде што ќе се обезбеди ефикасност, независност и правда за сите граѓани, изјави Филков во интервјуто.

15.02.2025 - 10:39

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега