Ден за високи гости на „Криволак“

Денеска на Армискиот полигон (АП) „Криволак“ ќе се одржи ден за високи гости во рамки на билатералната воена вежба „Предизвик 2013“ која се одржува од 21-ви септември. На воената вежба учествуваат припадници на АРМ и Вооружените сили (ВС) на Република Словенија.

Според предвиденото, на денот за високи гости ќе присуствуваат министерот за одбрана Талат Џафери, началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, амбасадорот на Република Словенија Бранко Раковец, командантот на Здружената оперативна команда на АРМ генерал-мајор Методија Величковски, високи претставници од ВС на Република Словенија, воените аташеи акредитирани во Република Македонија и други гости.

Припадниците на баталјонот за противвоздушна одбрана (ПВО) на АРМ денеска ќе ја покажат својата врвна обученост. Нив ќе им се придружат и припадниците на единицата за ПВО од составот на ВС на Република Словенија, кои ќе изведат тактичка вежба со боево гаѓање на цели во воздушниот простор, со лесен преносен ракетен систем „Игла“.

Вежбата „Предизвик 2013“ е шеста по ред од ваков вид која на „Криволак“ заедно ја изведуваат припадниците на АРМ и ВС на Република Словенија. Заедничката обука ќе резултира со зголемување на борбената готовност, оперативната способност, како и интероперативноста на баталјонот за ПВО кој е во составот на воздухопловната бригада на АРМ.

Од Министерството за одбрана велат дека заокружувањето на овој проект претставува уште еден силен импулс кон јакнењето на билатералната воена соработка на АРМ со ВС на Република Словенија.

24.09.2013 - 08:47
Фото: 
Нова Македонија

најчитано сега