„Златната камера 300“ во рацете на шпанскиот кинематограф Кико де ла Рика
Шпанскиот кинематографер Кико де ла Рика во чии раце беше камерата во филмот „Снежана“ е годинашен лауреат на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ кој синоќа заврши во Битола.
Меѓународното стручно жири одлучи сребрената „Камера 300“ да ја додели на кинематограферката Виржини Сент Мартен од Белгија која го снимаше филмот „Танго либре“, додека бронзената „Камера 300“ му припадна на полскиот кинематографер Кшиштов Птак за камерата во филмот „Папуша“.
Традиционално за време на свеченото затворање беа доделени и други фестивалски награди - „Мала камера 300“ за кинематограферот Хозе Мартин Росете кој го сними краткиот филм „Глас во заднина“, наградата на општина Битола што се доделува за програмата „Нови визии“ е за филмот „Златен кафез“ на режисерот Диего Квемада-Диез и кинематораферката Марија Секо од Мексико, а награда за најдобро сценарио во висина од 1.000 евра му беше доделена на младиот македонски режисер Ѓорче Ставрески.
- Фестивалот „Браќа Манаки“ е ода за големата љубов меѓу кинематограферите и камерата. Тој веќе со децении не потсетува на големиот фотографски и филмски опус, на непобитните фактографски и естетски вредности на богатиот трезор на браќата Милтон и Јанаки Манаки. 34-то издание на интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ оваа година беше во духот на индикативната синтагма „Пушти ја светлината“. Како добри домаќини го отворивме прозорецот и тој, и покрај вечерашното затворање на фестивалот, останува отворен за светлината што до нас стасува од далечните простори, но и за светлината што од нас излегува се посилно и допира се подалеку, рече меѓудругото министерката Канческа-Милевска на синоќешното затворање на фестивалот во Битола.
Годинава на ИФФК „Браќа Манаки“ беа изведени проекции на 84 врвни остварувања на светската и домашната кинематографија, а беа реализирани и други фестивалски содржини со присуство на бројни гости од државата и странство, чија организација и реализација успешно беше менаџирана од директорката Лабина Митевска.