Роналдо може да остане без спонзори поради обвинувањата за силување
Два од главните спонзора на ѕвездата на Јувентус, Кристијано Роналдо - „Најк“ и „ЕА Спортс“, се загрижени од обвиненијата за силување против петкратниот добитник на „Златната топка“.
Од компаниите излегоа со официјален став во кој се наведува дека внимателно го следат случајот. Полицијата во Лас Вегас обнови истрага која датира од 2009 година, откако Катрин Мајорга даде нови информации.
Нејзините адвокати потврдија синоќа на прес-конференција дека можат да ги објават клучните докази пред јавноста. Таа веќе склучила вонсудски договор со Роналдо во 2010 година, добивајќи сума од 375 илјади долари за нејзиното молчење.
- Длабоко сме загрижени од вознемирувачките тврдења и ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата внимателно, соопштија од „Најк“.
„ЕА Спортс“ исто така издаде соопштение.
- Го видовме извештајот кој детално ги опишува тврдењата против Кристијано Роналдо. Ја следиме ситуацијата одблизу. Очекуваме спортистите кои имаат договори со нас, да се однесуваат на начин кој е согласно вредностите на „EA“, изјавија од компанијата.
„Најк“ и Роналдо се партнери од 2003 година и потпишаа нов договор во 2016 година. Според неофицијални информации, тој вреди една милијарда долари и е доживотен.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа