Топилницата засекогаш избришана од картата на Велес

 

 

Советот на Општина Велес на денешната седница ја усвои предлог-одлуката за изменување и дополнување на Генералниот урбанистички план на Велес, за просторот кај Топилницата,со што заврши целокупната процедура за бришење на Топилницата за олово и цинк од планската документација и пренамена на просторот во заштитно зеленило.

Според Александар Колев, претседател на Советот на Општина Велес ова е голема одлука за Советот, за граѓаните на Велес. Колев појасни дека конкретно на тој простор, повеќе не ќе може да функционира Топилницата или било која тешка и загадувачка индустрија. Процедурите за добивање на дозвола за работа подразбираат аплицирање на инвеститорот во случајот „Метрудхем“ до надлежните Министерства за транспорт и врски и Министертсвото за животна средина. Доколку на локацијата каде што ги предвидуваат своите активности со урбанистичкиот план не е предвидена намена за загадувачка индустрија, тие не ќе можат да добијат согласност, односно дозвола за работа. Тоа значи, појасни, дека на овој начин во овој момент се оневозможува функционирањето на Топилницата на оваа локација.

- Но, ова не значи дека завршува борбата за спас на Велес од Топилницата и борбата за здрава животна средина на Велес.Напротив треба да се превземат уште мерки, како што е дислокација на јаловината на згура или црниот рид над Топилницата, а кој е се уште опасност за градот, ќе треба да се превземат мерки за фиторемедијација или било која друга форма на прочистување на почвата на јавните површини во Велес, како и активности за дислокација на самите објекти од Топилницата, рече Колев. За таа цел, најави, Советот на Општина Велес ќе донесе решение со кое ќе именува нови членови во Одборот за спас од Топилницата, а на кои им е престанат мандатот, да ги продолжат овие зацртани активности во наредниот период. 

20.09.2013 - 15:22
Фото: 
билд.мк

најчитано сега