Владата ќе субвенционира песни за многудетни семејства

Македонската Влада активно ќе ја поддржува промоцијата на домашната музичка продукција, најави денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев. Како што информираше Ѓорѓиев, на последната владина седница бил усвоен Акцискиот план и почнала реализацијата на големиот проект.

Со цел да се даде поддршка на музичките работници и да се создаде музика која ќе остане како културно наследство, Владата годишно ќе финансира 200 музички композици од домашни автори и изведувачи. Кои автори и изведувачи ќе ја добијат владината поддршка, ќе се избира на мошне транспарентен процес.

Какви песни ќе се финансираат?

Главен услов е песната да биде направена и исполнета од македонски изведувачи. Песните ќе се бираат по квалитет, а ќе се финансираат композиции од неколку категории:

-10 песни од музички таленти

-20 композиции од афирмирани изведувачи (изведувачи со најмалку 1 албум или 10 синглови)

-35 композиции од истакнати изведувачи (лица со најмалку 2 албума)

-37 песни од врвни изведувачи (музичари со 2 албума и солистички концесрти)

-28 песни од ѕвезди (музички имиња кои се селектирани по број на концерти, албуми  и години кариера)

-10 песни со тематика која промовира семејни вредност и многудетни семејства

-10 песни со историска тематика

-50 детски композиции

Композициите кои ќе ги изведуваат македонските ѕвезди ќе добиваат по 4.500 евра, детските песни ќе добијат 400 евра, а останатите по 3.000 евра.

Ѓорѓиев најави дека во октомври годинава ќе биде распишан јавен повик по кој ќе се изберат 50 лица кои ќе ја вршат селекцијата на композициите, но Комисијата сеуште нема да биде составена. Во јануари ќе биде распишан јавен повик за изведувачите кои ќе сакаат да влезат во трката за финансиска помош, а потоа по пат на лотарија од 50-те избрани за Комисија ќе се избере кој ќе врши селекција. Членовите на Комисијата кои ќе ги избираат изведувачите ќе мораат да потпишат согласност дека нема судир на интереси. 

Комисијата треба да ја донесе одлуката во рок од 24 часа а нивниот предлог потоа оди во рацете на директорот на МРТ. Тој треба да ја донесе конечната одлука во рок од три дена.

Владата за овој проект издвои 512.000 евра. Проектот кој е предвидено да трае 10 години има вкупна вредност од 5 милиони евра.

20.09.2013 - 12:21

најчитано сега