Комисијата за лустрација лустрираше поранешен министер за внатрешни работи

Денеска комисијата за верификација на фактите лустрираше уште еден поранешен министер за внатрешни работи за кој  сметаат дека е одговорен за досието „Темел“ за следење на функционери и членови на една опозициска партија од 90-тите години.

- Комисијата на денешната седница прогласи за наредбодавател и корисник на информации поранешен министер за внатрешни работи како дел од досието „Темел“, кое се однесува на следење на лица, поединци на штабот на една политичка партија, изјави за МИА портпаролот на Комисијата за лустрација, Предраг Димитровски.

- На седницата е расправано врз основа на документите добиени од Собранието на РМ и во кои членовите на Комисијата можеа да имаат увид во Архивот на РМ. Врз основа на документите на седница на Постојаната анкетна собраниска комисија за заштита на човековите права и слободи  во 2010 е донесен заклучок дека била злоупотребена функцијата и донесен е заклучок дека се прекршувани основните човекови права и слобода, рече Димитровски.

Досието „Темел“ датира според документите од февруари-март 1995 година, па се до крајот на октомври 1998 година, односно непосредно пред смената на тогашната Влада.

- Досието содржи извештаи, службени белешки, фото документација за движење речиси на целото фактичко раководство и на поединци видни политичари носители на високи јавни функции, изјави портпаролот на Комисијата за лустрација.

- Има документи според проценките за наводно обиди за насилно уривање на власта и за наводен шверц на оружје на поединци. Меѓутоа за нив никогаш не било покрената никаква кривична постапка. Оттука и заклучокот дека станува збор за прекршување на човековите права и слободи од идеолошко политички  партиски причини, рече Димитровски.

На седницата лустриран е и еден помошник-министер за внатрешни работи, кој е починат и неговите податоци, како што нагласи портпаролот, нема да бидат објавени на веб-страната на Комисијата.

- Тоа лице издавало наредби и одобрувало наредби за следења на лица од кои еднот е поранешен професор на Филозофскиот факултет, а другиот истакнат македонски револуционер кои биле осудени врз основа на Резолуцијата на Инфобирото и по издржувањето на казната на Голи оток биле следени од поранешните тајни служби. Оттука и заклучокот дека ова лице кое било носител на јавна функција ги прекршувало човековите права и слободи од идеолошко политички причини, истакна тој.

19.09.2013 - 15:51
Фото: 
лудимлади.бг

најчитано сега