Груевски: Ниту една фирма не пријави загуби од косовското ембарго

 

Досега ниту еден субјект нема пријавено некакви загуби од трговската  блокада што ја наметна Косово, рече денеска премиерот Никола Груевски одговорајќи на прашање поставено од пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ на собраниската седница посветена на пратенички прашања. 

- Сепак, се работеше за еден релативно кус период на сите овие случувања, така што засега немам податоци од некоја страна дека биле пријавени некакви загуби за  да можам да ви одговорам колкави биле. Вчера имав прилика да бидам во разговор со поголем број стопанственици по моето обраќање и немаше некој што отвори такво прашање дека има некакви загуби, истакна премиерот Груевски. 

На прашањето од Спасовски дали УЈП ќе го испита потеклото на имотот на министрите и членовите на владејачката партија, Груевски рече дека УЈП брзо ќе ја заврши таа работа и ќе ги објави резултатите.

- Го разбирам напорот на пратеникот Спасовски во оваа ситуација и во време кога претседателот на партијата каде што тој е генерален секретар е соочен со некои  работи кои не му се баш многу пријатни, па сега се обидуваат да ја сменат темата или да набедат некој друг за нешто друго. Како и да е нема никаков проблем УЈП да изврши проверка на имотната состојба, односно на потеклото на имотот на функционери од власта. Јас би ги повикал УЈП нека си ја завршат таа проверка и нека ја објават, рече Груевски, додавајќи дека без сомнение, доколку некој направил нешто спротивно на законот, тоа треба да се процесуира во надлежните органи.

19.09.2013 - 13:52
Фото: 
МИА

најчитано сега